Деби од соништата: Трипл-дабл на Харден на првиот меч за Бруклин

Џејмс Харден имаше деби од соништата во дресот на Бруклин, предводејќи ги „мрежичките“ до триумф од 122-115 над Орландо. По мега-размената со која му беше овозможено да си замине од Хјустон, Харден делуваше моќно на првиот меч за новиот тим. Тој мина на теренот 40 минути, период во кој реализираше 32 поени, 12 скокови и 14 асистенции. Одлична игра крај „брадата“ прикажа и Кевин Дурант постигнувајќи 42 поени. Кај Бруклин шести натпревар по ред во тимот го немаше Кајри Ирвинг, кој е „во аут“ поради прекршување на протоколите за коронавирус пропишани од НБА-лигата.

Мемфис ја забележа и четвртата победа во низа триумфирајќи на домашен терен против Филаделфија со 106-104. Џа Морант се врати во тимот по повредата и токму тој беше клучот за успехот, постигнувајќи ги завршните поени со украдена топка од Бен Симонс во финишот од натпреварот. Морант го заврши мечот со 17 поени, 15 постигна Тилман, додека Милтон беше прв стрелец на Филаделфија со 28 поени.

Мајами е во криза, „жешките“ загубија на домашен терен од Детроит со 100-120, трет пораз во низа на „жешките“. Драгиќ и соиграчите имаа десет загубени топки повеќе од противникот, а Детроит знаеше како да го казни тоа и со лесни поени на спротивната страна стигна до рутински триумф.

Резултати НБА:

Сан Антонио – Хјустон 103-91, Бруклин – Орландо 122-115, Торонто – Шарлот 116-113, Мемфис – Филаделфија 106-104, Мајами – Детроит 100-120, Портланд – Атланта 112-106.

Се вчитува...