ДРИБЛИНГ: Македонија не е пред пресвртница или нов пат… Македонија е, бре, на два чекори од Мундијал!

ДРИБЛИНГ

Владимир Булатовиќ

Македонската фудбалска репрезентација е пред момент на нова одлука околу идното свое функционирање. Денеска завршува договорот на македонскиот селектор Благоја Милевски, а утре, согласно најавите, Управниот одбор на ФФМ ќе ги анализира изминатите две години репрезентативен фудбал со одлука за продолжување или не на соработката со актуелниот стручен штаб. И, некако, изминативе денови се создаде впечаток за наводна некаква пресвртница, момент на нов почеток на националниот тим, иако, да бидеме реални, репрезентацијата се уште не го завршила патот на сопствените амбиции – пласман на СП 2026, кој се уште трае. Македонија, на крајот на краиштата, е во бараж за Мундијал!

Факт е дека фокусот на јавноста, во месецот во кој требаше да ги славиме успешните изминати две години, осамна кон убедливиот пораз од Велс во Кардиф. Сосема оправдано. Затоа што, и тоа како болен, и поради висината и поради начинот на кој си го заслуживме, апсолутно недозволив кога се носи националниот дрес, во било која ситуација и во било која форма. Само што, кога се носат одлуки, не палат „ниските страсти“… Факт е дека „ладните глави“ се најадекватниот пандан на „жешките теми“. Може ние со денови да ги анализираме и изминатите две години репрезентативно битисување, па и последниот пораз од Велс пооделно, на крај заклучокот секогаш ќе биде единствен – Македонија имаше успешен квалификациски циклус, со обезбедено место во баражот за Светското првенство!

Јасно е дека само ФФМ, на крај, ќе одлучи околу идниот тек на националниот тим, па продолжувањето и со нов селектор е сосема легитимна опција. Но, јасно е и дека кога се носат одлуки за најдобрата репрезентација мора да се носат исклучиво во интерес на позитивен импакт. Впрочем, тоа се покажа и со одлуката на првиот човек на ФФМ, Масар Омерагиќ, точно пред една година, со максималната поддршка за Милевски во моментите кога пооделните „лични амбиции и ниски страсти“ беа „пуштени на најако“. Па, не погреши…

ФАКТИТЕ НА „ВАГАТА НА УСПЕШНОСТА“ – ДВАТА ОБЕЗБЕДЕНИ БАРАЖИ НАСПРОТИ ДВЕТЕ „СЕДУМКИ“

Нема сомнеж, да бидеме реални, дека било какво прашање дали ќе се продолжи соработката со Милевски немаше воопшто да биде ставено и сега на маса, доколку не беше еден онаков пораз во Кардиф. Што ќе каже, сега се се сведува на еден натпревар!? А, колку Македонија, фудбалски може да си дозволи суд по еден натпревар, е „замка“ која, и тоа како, опасно може да ја влече во иднина.

И не би била никаква новост ако се каже дека Милевски не е вечен или незаменлив на селекторската функција. Но, кога ќе се анализира селекторувањето на Благоја Милевски, убаво е на вагата да се стават сите „за“ и „против“ аргументи. Во една таква ситуација бројките се егзактни. Сакале некои или не, Милевски е најуспешниот македонски селектор во историјата, погледнувајќи ја и статистиката на резултатска успешност на натпреварите, но и погледнувајќи ги остварените рекорди и генерални пласмани на националниот тим. Обезбедени два едноподруго баражи за пласман на Светско првенство како континуитет, притоа и со триумф над актуелен европски шампион Италија во полуфинале на плеј-оф и обезбедено финале за мундијалско место, рекордно остварување во Лига на нации како најуспешна селекција со освоени 16 од 18 можни бода и за првпат во историјата пласман во Б-дивизијата (второ по квалитет натпреварување во Лига нации), 14 натпревари по ред, или точно две години, без пораз на официјални квалификациски натпревари…, апсолутно не се постигнувања кои, наводно, се подразбираат однапред за фудбалска земја како Македонија. Тоа многу добро го знаат сите оние кои барем малку се упатени во фудбалските состојби во земјава. Без разлика колку ние сите заедно, пак, онака навивачки, си носиме огромни желби и очекувања и безрезервно си го сакаме националниот тим.

Во општество во кое во 21. век главна тема на политички избори ни е кога и како треба да се собере ѓубрето од улиците, во општество во кое лаичките фејсбук фудбалски анализи се „порелевантни“ од критична стручна јавност која не ни постои, во општество во кое богати домашни компании бегаат од клубовите, па општините и државата ни се главни спасители…, на прволигашка клупска сцена во која 70% од клубовите не може да соберат средства за плата па постојано бараат и помош од ФФМ, а притоа „нагостуваме“ разно-разни странски сопственици со сомнително минато и цели. И во општество во кое клубовите на сопствените фудбалери им сервираат веќе 30 години ораници како фудбалски терени…., а сето тоа и тоа како е правопропорционално со националните спортски селекции, апсолутно сите оние постигнувања не може однапред да се подразбираат, како што некои веруваат. Напротив!

Да бидеме реални, во македонската репрезентација овие години се и најдобрите фудбалери со кои располагаме. Секогаш има и ќе има плус-минус можности за дополнувања, но јасно е, без разлика кој и да селектира, во 90% квалитативниот збир е тој што е, а сите оние имиња кои секогаш ќе се спомнуваат, во зависност дали се „ин“ или „аут“ од националниот тим, тешко дека драматично квалитативно нешто менуваат. Затоа што сме ги виделе. А, токму тој некој „монопол“ кој го имаат фудбалерите, а не е создаден ни по нивна, ни по вина на стручниот штаб, туку токму како последица на нашата повеќе од скромна и срамна „продукција“ на домашни фудбалери, за жал, може уште поболно да го чувствуваме во иднина. Па, тоа што, пак, Милевски со тој избор што го има, во кој како никогаш досега во историјата имаме само двајца фудбалери во Топ 5 лигите во Европа (сме имале ситуација и на дури седум репрезентативци во исто време во Топ 5 лигите), па и со 70% фудбалери без минутажа во клубовите, успеа да го реализира изминативе две години е само плус „за“ на онаа страна од вагата. А не „против“.

Да, на спротивниот дел од вагата на Милевски и на оваа генерација репрезентативци секогаш се две болни островски „седумки“ кои се, застрашувачки, недозволиви. И, никој тоа не може да го избрише. Како и онаа неуспешна Лига нации 2022, која свесно беше жртвувана и со ослободување на поголемиот дел од тогаш стандардните првотимци, како и „тактички грешки“, промашувања и мис-проценки кои ги има и ќе ги има затоа што, впрочем, никогаш ништо не е идеално. Но, јасно е на која страна натежнува вагата! Во секое функционирање постојат „пукнатини“. Но, преку нив влегува светлината. Ако знаеме да ја искористиме!

А, погледнувајќи ги последните две години, и актуелниот нов пласман во баражот за СП 2026. Ако е неуспех да бидеш во 28 земји од Европа (од вкупно 54 колку што се дел од квалификациите – 12 директно пласирани на Мундијалот и 16 во баражот), во друштво на една Италија, Турција, Данска, Полска, Чешка, Словачка, Велс, Украина, Шведска…, а притоа со веќе елиминирани селекции како Унгарија, Грција, Србија, Грузија, Израел, Финска, Словенија.., тогаш се плашам во иднина да не дојде време кога силно ќе чезнееме по вакви „неуспеси“.

НОВИНАРСКОТО ПЕРО ИМА ПОГОЛЕМА ТЕЖИНА ОД ФЕЈСБУК-ТАСТАТУРАТА, А МЕНАЏЕРСКАТА ОДЛУКА ПОГОЛЕМА ОД ДВЕТЕ ЗАЕДНО

И, да! На крајот единствената вистина. Па, Македонија е, бре, се уште на пат кон Мундијал! За каков неуспех разговараме? А, кои беа зацртаните цели пред овие две години и пред овој циклус? Повисоки? Директен пласман на Мундијал? Или? Македонија, како крајна цел, треба секако силно, со сите оние реално запаметени слики во кои живееме и фудбалски и општествено, пред себе да ја има повторно и повторно целта за пласман на Мундијал. Сега посебно, со обезбедениот бараж против Данска, и потоа евентуално со Чешка или Р. Ирска! Затоа што вербата во себе ниту смее ниту може некој да ја одземе! А вербата се состои во способноста да се види квалитетот во сопствените редови, наспроти сите оние аномалии кои ги имаме и кои ни стојат како препрека.

Кога би се вратиле назад на оној меч со Велс, и тоа како најлесно е и кон селектор и кон репрезентативци она фејсбуковското: „Мрш… Оди си! Дрва, стоки, кретени… Доста е и од тебе…. Не можам да ве гледам!“… Нема полесно од тоа, во ситуација во која цела навивачка јавност врие! Само што новинарското перо, а посебно она поаналитичкото на стручната фудбалска јавност (исклучувајќи ги оние со лични амбиции), има многу поголема тежина од „фејсбук-тастатурата“. А, менаџерската одлука, пак, уште поголема тежина од се заедно!

Ако лично се прашувам, овој стручен штаб и оваа група репрезентативци сами се изборија за бараж за Мундијал кој си го заслужија. И тоа треба да го заокружат! И, уште еднаш. Не е, како што некои се обидуваат да прикажат, дека најмалку бараж било нешто што секако се подразбирало. За Македонија!

А, ние и во иднина, пак, паралелно ќе си го водиме и прашањето, за нашата домашна култура, дали и колку истите оние репрезентативци и селектор кои 14 едноподруго натпревари не знаеја за пораз, заслужија било каков вулгарен збор во тие моменти, по само еден натпревар. Затоа што, верувајте, многу повеќе се свесни од сите нас што и како ни приредиле во Велс! Не треба никој посебно, со навреди, да ги потсетува!

Се вчитува...