Од Кардиф, Велс
Владимир Булатовиќ
Успехот е веќе постигнат. Оваа генерација македонски репрезентативци, предводена од Благоја Милевски, веќе е со обезбеден бараж за Мундијал, и тоа вторпат едноподруго низ квалификациски циклус. Оваа Македонија е и пред можност да си обезбеди полесен полуфинален противник во баражот во обидот и вторпат едноподруго да дојде до финале од плеј-оф за Мундијал, а оваа Македонија првпат во историјата последното коло од еден квалификациски циклус го чека со можност и за освојување на групата и директен пласман на едно големо натпреварување! Што досега во 30 години не е случено низ ниту едно квалификациско битисување!
И, ништо од сето тоа не е случајно. И, не е ова клучниот натпревар во овие квалификации! Затоа што и би го немал тој епитет ако не беше се претходно што изминативе две години ни приредија овие момци. За да мечот со Велс го добие епитетот клучен за било што, овие момци минаа две години „трнлив“ пат од 14 едноподруго натпревари без пораз. Затоа што шансите не се случуваат сами од себе, вие мора да ги создадете!
Неспорен е фактот дека никој не може да се искачи по скалите на успехот со „рацете во џеб“. Па, ниту патот за да се дојде до моментот Велс овие момци не го минаа со „рацете во џеб“. Напротив. Жесток притисок, моменти на оспорувања, недоверба, па и навредувања, за да на крај, како што е „македонскиот обичај“, дојдат до издигнување до богови и слава-воскликнувања!
И, неспорен е фактот дека за дојдете до успехот, неопходни се три нешта неизбежни – квалитет, труд и среќа. Среќата како укажана можност која е повеќе од неопходна, а квалитетот, мудроста и трудот за да се знае и умее да се искористи таа можност! Оваа Македонија ги имаше сите тие нешта во овој квалификациски циклус. Затоа, успехот е веќе постигнат!
Успехот е веќе постигнат, и од моментот кога новиот претседател на ФФМ, Масар Омерагиќ пред точно една година, а пред стартот на квалификацискиот циклус демонстрираше лидерска мудрост со полна поддршка за актуелниот стручен штаб. И тоа среде нескриен притисок околу себе за промена на репрезентативното водство. Затоа што успехот и на еден лидер се определува исклучиво од капацитетот за мудрост, визија и цврста одлука наспроти „мнозинското мислење“. Посебно во денешните модерни времиња! Затоа, успехот е веќе постигнат!
Да, оваа генерација македонски репрезентативци многу добро знае дека пред себе вечерва има можност сето тоа да го заокружи на уште помоќен, триумфален начин! И, никој тоа не треба да им го каже на овие момци!
Но, исто така секако треба да знаат дека успехот не е конечен, а неуспехот не е фатален! Без разлика што ќе биде вечерва среде Кардиф во Велс, и натаму најважна ќе биде храброста да се продолжи на патот до Мундијалот. Затоа што, да бидеме реални, Македонија во баражот секако ќе ја очекуваат два натпревари ако сакаме да ги видиме САД, Канада и Мексико. Тежината на патот, поделена во две половини, на крајот помалку или повеќе, пак ќе биде иста.
Затоа, Кардиф вечерва нека биде само „дипломска“ работа за момците кои две години оставија пот, труд и нерви за да дојдат до моментот Велс! Пред се заради себе и Македонија, а потоа и за сите оние кои без заддршка веруваа во нив сите овие години!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

