ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – ФИЛИП ДЕРКОСКИ: Пресреќен сум што ќе ја претставувам Македонија во Токио… Уште сега размислувам за игрите во Париз

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

========================================================================================================================== 

Еден од најдобрите пливачи во Македонија, младиот Филип Деркоски отворено за ЕКИПА.МК говореше за тоа што значи за него настапот на Летните олимписки игри во Токио и кои се неговите очекувања од смотрата на најдобрите спортисти во светот. 

Деркоски искрено зборува за неговиот пат до овие игри, но и целите кои уште сега си ги поставува за иднината. Тој вели дека грешка е што многу деца премногу рано се откажуваат од пливањето, бидејќи според него топ формата се достигнува некаде по 25 година. 

Тој вели дека иако плива и маратони повеќе го сака базенското пливање. Како дете идол му бил Мајкл Фелпс, а во моментов нема некој посебен пливач на кој се огледува, но се воодушевува на Кејлеб Дресел и Криштоф Милак.

==========================================================================================================================

НА СЕКОЈ СПОРТИСТ МУ Е СОН ДА УЧЕСТВУВА НА ОЛИМПИСКИ ИГРИ 

Што значи за тебе учеството на Летните олимписки игри и кои се твоите очекувања од трката на 400 метри во Токио? 

Мислам дека е голем успех во кариерата и големо достигнување да ја претставуваш својата земја на најголемото спортско натпреварување Летните олимписки игри. На секој спортисти му е сон да учествува на ЛОИ исто така и мене. Многу големо искуство за понатаму во кариерата и дополнителен мотив да продолжам да работам уште повеќе во иднина па во Париз 2024 со што подобро време да се квалификувам и таму. Во 2018 ја пропуштив младинската олимпијада во Буенос Аирес не успеав да исполнам критериум. Следна цел ми беше Светското првенство во Гвангжу во 2019 година кое беше критериумски натпревар за ЛОИ во Токио. Направив највреден резултат и следна цел од тогаш ми беа ЛОИ во 2020. Се надевам дека ќе испливам подобро време од моето. Национален рекорд е четири минути и ќе гледам да испливам колку е можно поблиску до тоа време. Се чувствувам во добра форма и очекувам добар резултат.

Во 2018 тргна твојата нагорна линија. Како течеше целиот твој пат до овој голем успех и учеството на игрите во Токио? 

Во младински категории не бев во врвот во Македонија. Изгледа дека покасно созреав и почнав да се развивам. Од 2018 таа беше клучна година за мене тогаш почнав многу да напредувам и фокусот ми е само на тренинг. Сфатив дека можам и дека треба напорна работа. Добро е и во млади категории да си меѓу најдобрите, но не треба тогаш да те удри славата во глава. Треба да се продолжи со работа, бидејќи доаѓа период на стагнација. Има пливачи што на 14/15 години вадат добри резултати. Но, мора да дојде период на стагнација кој мора да се издржи и психички и физички и тоа е најважно. Ако го издржиш тој период потоа ќе имаш многу подобри резултати. Исто така може да дојде и до заситување ако многу млад имаш одлични резултати и потоа многу често може да се дојде до откажување. Најважното е дека треба напорна работа и никогаш не треба да се откажеш.

На ЛОИ ќе настапиш на првиот ден. Колку промената на временските зони и прилагодувањето може да бидат проблем за вас како спортисти? 

Имам искуство од Светското првенство во Кореа. Таму стигнавме на два дена пред мојата трка и испливав добар резултат. Проблемот беше на 800 метри кој беше четвртиот ден и вечерта пред трката на 800 метри дури тогаш ја почуствував временската разлика и имав проблем. Сега на 16. Јули заминуваме за Токио така да ќе имам и повеќе од доволно време да се подготвам и на 24. Јули на најдобар можен начин да ја претставам Македонија.

СЛЕДНА ЦЕЛ МИ Е ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НОРМА ЗА ИГРИТЕ ВО ПАРИЗ ВО 2024 ГОДИНА

Која е твојата цел по ЛОИ. Дали напад на што подобро време и зошто да не и изборена норма за игрите во Париз 2024? 

Париз 2024 уште сега ми е цел. Верувам дека ќе можам тогаш да обезбедам и норма на 400 метри и верувам дека ќе успеам да го урнам националниот рекорд и да испливам под четири минути. Учеството во Токио треба да биде една голема школа за мене и ми дава дополнителен мотив за следните три години во кои мислам дека ќе бидам уште подобар. Се уште сум млад и мислам дека баш тогаш треба да дојдат најдобрите мои години и да бидам во одлична форма на игрите во Париз за три години. Нормално одиме чекор по чекор. Б-нормата е 3:53 минути и тоа е целта која си ја ставам уште од сега. Ќе треба многу работа и подобри услови. Да помогнат институциите и државата и мислам дека можам да стигнам до тоа.

Македонија има само два базени, од кои само олимпискиот е 50 метарски. Колку е тешко да си пливач во Македонија и кои се проблемите со кои се соочувате? 

Имаме само два базени во државата од кој само Олимписки е 50 метарски, но и тој не работи цела година. Од декември до март можеме да работиме само на 25 метерски базен. Ако се споредуваме со регионот не мора подалеку. На пример Србија е на неколку километри до нас во секој град и село имаат и 25 и 50 метарски базен. Напорно е и тешко е. Голема е разликата меѓу 25 метарски и 50 метарски базен. Друга е подготовката, а нас за најголемите натпреварувања токму ни е потребен 50 метарски базен. Практикуваме да правиме подготокви во соседните земји и така се снаоѓаме како можеме.  

ИАКО ПЛИВАМ И МАРАТОНИ НА ОТВОРЕНИ ВОДИ, ПОВЕЌЕ ГО САКАМ БАЗЕНСКОТО ПЛИВАЊЕ 

Имаш добри резултати и на маратонските трки на отворено. Што повеќе сакаш? Базенско пливање или пливање на отворено? 

Базенското пливање за мене лично е многу подобро од пливањето на отворени води. Не сакам многу маратони и не ги обожавам. Практикувам да пливам маратони летно време како би ја одржал формата бидејќи немаме многу митинзи во базени. Доста добро доаѓа на телото еден маратон да се исплива. Маратонско пливање психички е потешко од пливањето во базен. Условите се многу потешки, бранови, ветер, временски услови и немаш ништо околу тебе. Пливам одамна мини маратони посебно. Тренерот ми беше исто така маратонец и од него наследивме нешто. Нормално добро е и тоа за одржување на форма, но јас лично многу повеќе го сакам базенското пливање.

Како се реши да тренираш пливање и дали се сеќаваш на првиот освоен медал

Моите родители како мал одлучиле како добар спорт за развој на дете да ме пуштат на пливање. Од шест години работам со мојот тренер Јане Караиванов и во неговиот клуб. Ги паметам првите тренинзи на базенот во Аеродром, водата ладна. Имаше неколку пати мисли за откажување. Мало дете сакам да пливам, па не сакам да пливам. Сепак не беше тоа нешто многу влијателно. Можам да кажам од денешна гледна точка дека не погрешив и бидејќи и резултатите кои ги остварувам го покажуваат тоа. Првиот медал го помнам и тоа беше во Златибор на натпревар. На 50 метри грбно го освоив и тој медал никогаш нема да го заборавам. Токму оттогаш се почна да си тече како што треба. Освоив медал како дете голема радост и цел живот ќе ја помнам таа трка во Златибор. Последните неколку државни првенства исто така бев најдобар пливач на Македонија и тоа се засега некои трки кои што ми се посебно мили. 

КАКО ДЕЦА СИТЕ СЕ ВООДУШЕВУВАВМЕ НА ФЕЛПС, ВО МОМЕНТОВ НЕМАМ НЕКОЈ ИДОЛ

Дали имаш некој идол во пливањето и доколку имаш кој е тој

Додека бевме деца кога пратев дефинитивно Мајкл Фелпс беше пример на сите. Неверојатен спортист и голем шампион. Во моментов немам некој идол. Ги следам сите. Гледам нешто да практикувам од тоа тие што го прават да научам. Кејлеб Дресел кој е спринтер и не е моја дисциплина, но е исто неверојатен пливач. Криштоф Милак со кој сме генерација исто така е неверојатен пливач. Тој го урна рекордот на Фелпс на 200 пеперутка. Беше дел сега и од Европското првенство и навистина е неверојатно тие пливачи да ги гледаш во живо. Немам некој голем идол, туку гледам се што е најдобро од сите да го земам како пример и да искористам најмногу што можам. 

Што сака да прави Филип Деркоски кога не тренира и не е во базенот

Сакам да се дружам со другарите и мислам дека е многу важно. Фокусот е на пливањето, но во некои моменти е добро малку да се исклучиме од пливањето. Сакам да гледам филмови и серии и малку да се исклучам од пливањето. Потоа нормално кога си во базен се посветуваш целосно на тренинзите и натпреварите и тоа е број еден, но исто така и одморот е многу важен и треба да има и периоди кога не се размислува на пливање и се ужива со најблиските и другарите. Сакам да одам по планини. Водно ми е останато уште од мали деца кога бевме. Периодов се подготвувам за ЛОИ, но до пред некој месец знаев често да се качувам на Водно. Планина, чист воздух природа.

Се вчитува...