Еуро Никел без шанси во Аеродром, МЗТ Скопје им се врати на победите

Кошаркарите на МЗТ Скопје експресно го оставија зад себе разочарувачкиот пораз од ТФТ на стартот од Супер-лигата, славејќи над Еуро Никел со 79-63 во репризата од ланското финале во плејофот. Иако се соочија со проблеми по повредата на Крстевски во втората четвртина, „металците“ одиграа одличен дуел и благодарение на цврстата одбрана стигнаа до значаен триумф за враќање на победничката атмосфера во тимот пред клучниот дел од сезоната.

МЗТ Скопје заигра агресивно во одбраната од самиот почеток, дозволувајќи им на гостите само два поени во првите четири и пол минути игра (7-2). Штом „металците“ влегоа во бонус кавадарчани постигнаа уште три поени од линијата за слободни фрлања, Соколов беше двапати прецизен од поле, а првата четвртина заврши со водство на домашниот состав од убедливи 17-9. Еуро Никел заигра нешто подобро во нападот во вториот период, во кој предводени од плејмејкерот Дубински експресно намалија на 24-23. Со израмнета игра се продолжи до крајот на полувремето, за на одмор да се замине со предност на МЗТ од 35-33, по тројката што за гостите ја погоди Калахан.

Третиот период повторно го одбележа далеку подобра игра во одбрана на аеродромци, кои успеаја резултатски да се одлепат. Одличен во овој период беше Адем Мекиќ, кој ја отвори мини-серијата со украдена топка и асистенција, за во следниот напад да погоди тројка за водство од 51-42. Во споедлната минута одтретата четвртина МЗТ Скопје стигна до првото двоцифрено водство, кога Дејвис погоди за позитива од 54-44.

Кавадарчани за момент се разбудија во нападот, преку Димчевски во 34. минута намалија на шест поени разлика (63-57), но избраниците на Самарџиев немаа сили во одбраната да ги запрат разиграните кошаркари на МЗТ. Тимот на Александар Петровиќ беше расположен во клуните моменти, погодуваа и Дамјан, Војдан и Ајви, па со поените на  центарот Рикиќ, под прекршок на Калахан домаќините стигнаа и до најубедливи 72-59. Завршните минути изминаа во рутинско одржување на водството на домашниот состав, кој на крајот триумфираше со конечни „плус шеснаесет“.

Рикиќ со 18 поени беше најефикасен во таборот на МЗТ, пред Војдан Стојановски со 14 и Дамјан Стојановски со 11 поени. Калахан со 13 и Дубински со 11 поени беа единствените со двоцифрен ефект во таборот на Еуро Никел.

Се вчитува...