За секој фудбалски функционер, било тоа да е судија, делегат или контролор на судењето претставува голема чест и признание да биде во една од главните улоги на светско или европско првенство или пак на најважните натпревари во европските купови. Таа чест на делегатската улога на финалниот натпревар на годинашново Европско првенство во Германија меѓу Шпанија и Англија што ќе се одигра на 14 јули во Берлин, УЕФА му ја додели на Филип Поповски. Освен за Поповски, ова е и големо признание и за Фудбалската федерација на Македонија чии претставници во куќата на фудбалот во Европа бележат одлични резултати.
Досега на Европското првенство во Германија Филип Поповски беше делегат на пет натпревари почнувајќи на мечот меѓу Турција и Холандија, потоа на средбите Италија-Швајцарија, Шпанија-Хрватска, Полска-Австрија и Холандија-Австрија.
Филип Поповски не случајно ја доби оваа значајна функција на Европското првенство во Германија. Поледните три сезони во Лигата на шампионите тој беше организационен директор на сите натпревари на Милан што се играа на стадионот „Сан Сиро“ во Милано. И тоа на мошне значајни мечеви за италијанскиот гигант, со Атлетико Мадрид, Порто, Динамо, Тотенхем, Манчестер јунајтед, на полуфиналнит напревар во Лигата на шампионите меѓу Милан и Интер. Одлично извршената задача како организационен директор на мечевите на Милан во Лигата на шампионите, беше и доделувањето на делегатската улога на финалето во Берлин на 14 јули, на средбата меѓу Шпанија и Англја на Филип Поповски.
Да не заборавиме, видна улога на Европското првенство во Германија имаше и Сашо Даневски кој се грижеше за физичката подготвеност на најдобрите европски судии.
И во македонските судии УЕФА има доверба
Последниве години судиската комисија на УЕФА има навистина голема доверба во контролорите и меѓународните судии од Македонија на најзначајните настани. Емил Божиновски беше контролор на полуфиналниот натпревар во Лигата на Европа меѓу Ајнтрахт Франкфурт и Вест Хем, како и на полуфиналниот меч во Конференциската лига меѓу АЗ Алкмар и Вест Хем.
Александар Ставрев беше главен судија на три европски првенства, во Луксембург 2006, играчи до 17 ходини, во Чешка 2008, фудбалери до 19 години и во Данска 2011 година, фудбалери до 21 година.
Слаѓан Марковски, асистент судија, моментно е во Ирска, каде е дел од 12 најдобри европски судии на Европското прввенство, фудбалери до 19 години. Што да напишеме за најдобриот македонски женски судија Ива Пројковска, која се наоѓа во групата на 20 елитни европски судии. Беше главен судија на финалниот меч на Европското првенство, фудбалерки до 19 години меѓу Франција и Германија во Шкотска. Од 31 август до 22 септември ќе биде главен судија на светското првенство во Колумбија, фудбалерки до 20 години. На ова првенство ќе судат само пет судии од Европа, меѓу нив е и Ива Пројковска. Последниве години Пројковска им има судено на европските женски фудбалски клубови почнувајќи од Барселона, Реал Мадрид, Пари Сен Жермен, Челзи, Арсенал, Манчестер јунајтед, Тотенхем, Порто…
Високи функции во фудбалот и во поранешна Југославија
И во Фудбалскиот сојуз на поранешна Југославија, македонските претставници имаа високи функциии. Прв претседател на Фудбалскиот сојуз на Југославија беше Павле Даков, но брзо поднесе оставка, го замени Перо Коробар. Претседател на ФСЈ пред распадот на Југославија беше и Томче Филиповски, сигурно еден од најдобрите фудбалери на Работнички. Во тоа време претседател на мошне значајна функција во ФСЈ ја имаше д-р Трајан Бендевски, беше на чело на Дисциплинската комисија. Значајна функција имаше и спортскиот новинар Миодраг Мицковиќ, кој беше претседател на влијателната Натпреварувачка комисија на Фудбалскиот сојуз на Југославија. Интересно е да се напише дека и покрај тоа што Македонија имаше врвни судии почнувајќи од Трајан Ивановски, Борче Неделковски, Томе Манојловски, Трајче Маџовски, Петар Костовски, Гоце Попев, само Петар Костовски доби шанса да биде дел од едно големо европско натпреварување. Во 1973 година беше помошник на Гугуловиќ во финалето во Лигата на европските шампиони меѓу Јувентус и Ајакс што се одигра во Белград. Директен ТВ пренос на македонски јазик вршеше Атанас Костовски.
Иако не беа селектори на репрезентацијата на Југославија, вредно е да се спомене дека поранешниот голман на Вардар Благоја Видиниќ беше селектор на репрезентациите на Мароко, Заир и Колумбија, Ѓоко Хаџиевски на Азербејџан. Да го спомнеме и Милјан Милјаниќ, кој има македонско потекло бидејќи е роден во Битола, беше селектор на репрезентацијата на Југославија на светското првенство во Германија 1974 година.
На крајот да го спомнеме и Кирил Симоновски – Џина. Од сите македонски фудбалери кои се до распадот на Југославија настапуваа за тогашната репрезентација, тој беше прв и единствен капитен. И никој друг. Тоа се случи на 9 мај 1946 година кога Југославија ја победи Чехословачка во Белград со 2:0. Можеби за постарите љубители на фудбалот, ќе биде интересен тогашниот состав на југословенската репрезентација на овој меч што ја предводеше со капитенската лента Симоновски: Монсидер, Станковиќ, Кокеза, Плеше, И. Хорват, Симоновски, Томашевиќ, Митиќ, Бобек, Ф.Матошиќ, Коцијан.
Можеби во овој текст некое име е заборавено, но тука се читателите на „Екипа“ да го комплетираме со нивна помош.
М.Мицковиќ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА