Ѓорѓевиќ си оди, Србите добиваат екстра-селектор!

Денешниот натпревар против Чешка најверојатно ќе биде последен за Александар Ѓорѓевиќ како селектор на Србија. Актуелниот договор на Ѓорѓевиќ истекува со крајот на СП 2019 во Кина, а моменталното расположение на челниците на федерацијата е да се направи обид со нов стратег да се влезе во топ-форма за ОИ во Токио (за кои Србите ќе мораат да играат квалификации за да обезбедат учество).

Ѓорѓевиќ важи за спортска икона во својата татковина, но и како таков не беше имун на критики по слабите игри и поразите од Шпанија и од Аргентина. Тој има сериозен клупски ангажман во Виртус Болоња на кој целосно ќе му се посвети, а Србите ќе се обидат на својата клупа да доведат сериозно тренерско име – Игор Кокошков.

Станува збор за српски стратег кој со Словенија стана европски првак, во финалето надмудрувајќи го токму Ѓорѓевиќ. Веднаш по големиот успех тој се повлече од селекторската функција, во меѓувреме имаше неуспешен обид како прв тренер во НБА во тимот на Феникс, за сега повторно да биде асистент, во стручниот штаб на Сакраменто кингс.

Повлекувањето на Ѓорѓевиќ се очекува да биде потврдено веднаш по враќањето на српската експедиција од Кина, по што ќе се стартува и со преговорите со Кокошков, кој е главен фаворит за селекторската функција.

Се вчитува...