Џејмс Харден продолжува со одличните игри на стартот од својата авантура во Бруклин, предводејќи го својот тим до триумф од 125-123 на дербито на источната конференција со Милвоки бакс. „Брадата“ го заврши мечот со 34 поени, 12 асистенции и шест скокови, Дурант реализираше 30 поени, а „мрежичките“ уште еднаш, дури и без Кајри Ирвинг покажаа потенцијал против еден од најголемите ривали во својата конференција. Воедно, Харден испиша историја станувајќи прв кошарка кој по „трејд“ во првите две средби за новиот клуб имал над 30 поени и 12 асистенции.
Голден Стејт приреди огромно изненадување триумфирајќи на гостувањето против шампионот ЛА Лејкерс со 113-115. „Воините“ покажаа карактер и се вратија од „минус 14“ во последната четвртина, за на крајот да стигнат до триумф благодарение на 26-те поени на Стеф Кари. Леброн Џејмс ја промаши тројката со звукот на сирената со која можеше да им донесе победа на лејкерси, „кралот“ одигра слаб меч за свои стандарди постигнувајќи скромни 19 поени, додека најефикасен кај лејкери беше Шредер со 25 постигнати поени.
Далас загуби на гостувањето против Торонто со 116-93, натпревар на кој Лука Дончиќ реализираше скромни 15 поени и 9 асистенции.
Резултати НБА:
Бруклин – Милвоки 125-123, Торонто – Далас 116-93, Чикаго – Хјустон 125-120, Мајами – Детроит 113-107, ЛА Лејкерс – Голден Стејт 113-115.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА