„Хендбол планет“: Чупиќ веќе потпишал за Загреб

Иван Чупиќ го напушта Вардар на крајот од сезонава, но негова следна дестинација нема да биде Кил, туку хрватскиот првак Загреб. Специјализираниот портал “Хендбол планет“ вечерва објави дека Чупиќ веќе потпишал тригодишен договор со Загреб, што ќе стане валиден од 1 јули 2021 година.

Хрватското десно крило пред десетина дена изјавуваше дека се чувствува лојален кон Вардар и дека нема да повлече потег додека не добие информација од управата на „црвено-црните“ околу плановите за наредната сезона. Дали ваква информација е добиена, или пак на Чупиќ му здодеало да чека, Хрватот седнал на маса и се договорил со челниците на Загреб.

Чупиќ го постигна победничкиот гол во првото финале од ЛШ против ПСЖ, беше меѓу најзаслужните и за втората европска круна на Вардар, а дополнително ги освои симпатиите на навивачите одлучувајќи да остане во клубот и покрај големата финансиска криза. Сепак, се чини дека на соработката меѓу хрватскиот ас и македонскиот првак летово ќе и дојде крајот.

Интересно, Чупиќ досега во кариерата нема настапувано за Загреб. Тој ја почна кариерата во Медвешчак од 2005 до 2007 година, по што настапуваше за Октавио во Шпанија, за Горење во Словенија, Рајн-Некар Левен во Германија, Киелце во Полска и за македонскиот првак Вардар.

Се вчитува...