Наковски волеј со голема самодоверба ја стартува европската авантура

Македонскиот вицешампион Наковски Волеј во втората сезона во низа како дел од меѓународната сцена е домаќин на годинешното издание на БВА купот, кој е под капата на Балканската одбојкарска асоцијација, а истовремено важи и за Зонски претквалификациски турнир, чии победник ќе игра во ЦЕВ Челинџ купот.

Одбојкарките на Александар Митев и Хари Наковски од 6 до 8 октомври во спортската сала „Парк“ во Струмица ќе ги пречекаат грчки Олимпијакос и ЦСКА Софија од Бугарија, како и Дрита Гњилане од Косово.

Наковски Волеј напорно тренираше целиот летен период, но со оглед на силната конкуренција која ја има во БВА купот, како приоритет во пресрет на турнирот се добриот перформанс на трите натпревари со кои ќе се даде и добра најава во пресрет на новото домашно првенство кое почнува за десетина дена.

„Учеството во БВА купот е со цел да се создаде континуитет со настапи и на меѓународната сцена. Најважното за екипата е да се собере интернационално искуство и да се расте преку квалитетни натпревари. Имаме силна конкуренција, се соочуваме со екипи како Олимпијакос и ЦСКА Софија. Олимпијакос ланската сезона играше во Лигата на шампионите имаат сериозен состав со интернационалки и според мене тие се прв фаворит. ЦСКА Софија доаѓа од Бугарија која има силна експанзија на женската одбојка, со млада генерација која е светски шампион, со А репрезентаија која игра во Лигата на нации. Шансите ќе ги бараме во дуелот со Дрита, со која сме блиски по квалитет. Пред два дена тие го освоија Супер купот на Косово, од оваа сезона во нивните редови настапува и нашата репрезентативка Мери Бошковска и се надевам дека ќе се носиме добро со нив. Најважен е добриот настап, да понудиме добра игра и да се покажеме во што подобро светло, што секако ќе биде и одлична увертира за нас во пресрет на домашното првенство“, потенцира Александар Митев, тренерот на македонскиот вицепрвак.

Тридневната програма стартува утре, во 17 часот, со дуелот меѓу главните фаворити ЦСКА Софија и Олимпијакос. Наковски Волеј како домаќин трите натпревари ќе ги игра во вториот термин од 19:30 часот. Утре отвора против Дрига Гњилане, в среда игра со ЦСКА Софија, додека во последното коло ќе се соочи со Олимпијакос.

БВА КУП 2026 ЖЕНИ

1.КОЛО (06.10.2026)

Олимпијакос – ЦСКА Софија 17:00ч.

Дрита – Наковски Волеј 19:30ч.

2. КОЛО (07.10.2026)

Дрита – Олимпијакос 17:00ч.

Наковски Волеј – ЦСКА Софија 19:30ч.

3. КОЛО (08.10.2026)

ЦСКА Софија – Дрита 11:00ч.

Наковски Волеј – Олимпијакос 13:30ч.

Се вчитува...