Холандија во шок: Де Лихт се повреди, дефанзивецот под знак прашалник за ЕП!

Една од најголемите ѕвезди на Холандија, дефанзивецот на Јувентус, Матијас Де Лихт доживеал повреда вчера на тренингот и го прекинал истиот на само една недела пред стартот на Европското првенство, па засега останува неизвесно каков степен е повредата на одличниот одбранбен фудбалер.

Холандија сега е во паника за каква е повредата на Де Лихт, стравувајќи случајно да не излета од комбинација за Европското првенство, па „лалињата“ да останат без главниот „дефанзивен ѕид“, зашто веќе од претходно отпадна Вирџил Ван Дијк, ѕвездата на Ливерпул, кој сега е во процес на рехабилитација по операцијата на коленото, но не е подготвен за најголем напор каков што е континенталниот шампионат.

Според информациите, Де Лихт има повреда на слабините и откако почувствувал болка веднаш го прекинал тренингот, а селекторот Франк Де Бур, не открил точно колку проблематична е повредата освен дека „Де Лихт прекинал зашто не сака да ризикува, а и лекарскиот тим се согласил дека е непотребен ризик да продолжел да тренира“.

Но, веќе јасно е дека лекарските прегледи ќе утврдат дали станува збор за некоја ситна повреда или Де Бур уште повеќе ќе има мака.

Холандија е последниот противник во групата Ц на Македонија, во мечот закажан за 21. јуни во Амстердам.

Се вчитува...