ИОК и јапонската влада ги почнуваат преговорите за одлагање на Игрите во Токио

Јапонската влада и Интернационалниот олимписки комитет денеска ги почнуваат преговорите за одложување на Летните олимписки игри во Токио предвидени за крајот од јули и почетокот од август оваа година. Ова го тврди високотиражен јапонски весник повикувајќи се на извор на владата на Јапонија. Според изворот, јапонскиот премиер Шинзо Абе и претседателот на ИОК, Томас Бах денеска телефонски ќе разговараат за новиот термин кој нема да биде подоцна од една година.

Одложувањето на Игрите ќе биде голем финасиски удар за домаќинот кој вложи 12 милијарди евра, а големи износи инвестираа и спонзорите и носителите на телевизиските права. Наоѓањето на нов термин нема да биде воопшто едноставно со оглед на богатиот календар на спортски настани исклучително е тешко да се сместат Олимписки игри на кои учествуваат илјадници спортисти во 33 спорта.

За 2021 веќе е презакажано фудбалското Европско првенство, а предвидени се и многу континентални и светски првенства во повеќе спортови. Сепак има надеж дека големите спортски федерации ќе излезат во пресрет и ќе го следат примерот на челниците на Светската атлетска федерација која понуди да го помести терминот на атлетскиот мундијал предвиден за Јуџин од 6. до 15. август 2021 година.

Се вчитува...