КАТАПУЛТ: Отровот на Кобрата опасен за околината

Екипа

Дарко Панчев има историска прилика да го купи измачениов Вардар, да ги спаси играчите и вработените од агонијата и да направи европски фудбалски клуб по негов терк. И да и покаже на Македонија дека не е махер само за најнеумесните изјави во историјата туку и за работа и создавање вредност која според неговите „високи критериуми“ ќе биде подобра од двете континентални титули на РК Вардар.

Прво. Спортска легенда од негов калибар не може, не треба и не смее да потценува туѓ спортски успех, најмалку тоа да го прави по интервјуа, јавно. Спортистите се вообичаено пример за џентлеменство, братство и разбирање за трудот и маката на соборците спортисти од било која конкуренција.

Затоа што замислете пак Меси да му рече на Кире, кој па ве гледа вас и што ако сте освоиле европска титула.

И што е тоа со куглањето, нова доза на потценувачки наратив. Демек народов се собира на штогоде, па дури и на куглање. Не го потценувајте народот. Овде сите го прават тоа. Кугларска федерација да испрати протестна нота. И сериозна сум.

Второ. И да, има право да си мисли Дарко дека фудбалот е број еден и навистина е во рангирањето на спортовите, во светски размери. Кој па го спори тоа. Само тоа не му дава никакво право со апсолутно потценување да зборува за успехот на ракометарите на Вардар, особено што тоа се две европски титули.

Се обидувам да ја избегнам дозата невоспитаност што ја изначитавме во последното, но и во други слични интервјуа на Кобрата и да не претерувам со прашањата од типот:

Ама вие господине двапати бевте директор на Вардар, вториот пат бевте во исто семејство токму со овој Вардар кој во Европа демек никој не го гледа. Што променивте вие во вашите два директорски мандати за фудбалот да го добие заслуженото место. И што всушност правите сега господине Панчев, им кажувате на сите кој како треба да прави, што не треба да прави, кој е добар и кој е лош. Од која позиција?

Од онаа на поранешен фудбалер и актуелен сопственик на кафуле и повремен позадинец на политички прес конференции?

 

Се вчитува...