Кенискиот маратонец Кипротич Кируи го повтори успехот од минатата година, освојувајќи го првото место и на 13.издание на Скопскиот маратон. Тој беше надмоќен, ја доби битката со своите сонародници Едвин Кипруто и Самуел Кимутаи Киптум, и ја комплетираше трката долга 42 километри и 195 метри за време од 2:12.59 часа.
На втората позиција следеше неговиот сонародник Едвин Кипруто со време од 2:16.15 часа, додека, пак, на третото место се најде Самуел Кимутаи Киптум кој маратонот го комплетираше за време од 2:16:32 часа.
Најдобар Македонец е Александар Кираџиев на шестата позиција, кој воедно е и национален победник во маратон. Тој трката ја мина за време од 2:41.29 часа.
Во женска конкуренција исто така славеше Кенија. Најдобра беше Стела Барсосио, која оствари и нов рекорд на патеката кај дамите. Таа ја истрча маратонската трка во Скопје за време од 2:33.42 часа.
Над 8.500 маратонци денеска стартуваа во центарот на Скопје и беа дел од 13.издание на Скопскиот атлетски маратон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА