Костески самоуверен: Ние сме Македонија, да им покажеме на Грците дека нема што да бараат

Македонските ракометари полни со самодоверба го дочекуваат денешниот дуел во второто коло од квалификациите за ЕП 2028 во кое избраниците на Кире Лазаров ќе гостуваат во Грција (16 часот).

Првата задача против Луксембург беше рутински одработена, но на сите им е јасно дека денешниот предизвик е далеку посериозен, пред се ако се земе во предвид растот на формата на Грците кои во последниот бараж за СП два пати славеа над Холандија. Сепак, во нашиот табор владее оптимизам дека ќе се стигне до посакуваната победа со која што широко би биле отворени вратите кон наредниот европски шампионат.

„Многу ни е важно да бидеме на посакуваното ниво и на овој дуел се Грција. Се подготвивме квалитетно, да видиме до каде сме со формата, тренираме напорно бидејќи знаеме дека ќе биде тешко, тоа е противник што игра се подобро од година во година и сигурно ќе биде мотивиран против нас. Доста добро ги анализиравме, имаат квалитетна бековска линија, но ние сме Македонија, имаме спој на млад и искусен тим, имаме настапувано на големите натпреварувања со години наназад и сакаме да продолжиме со тоа. Мораме да бидеме фокусирани од првата до последната минута и да им покажеме кои сме, како Македонија, како народ и да им ставиме до знаење дека немаат што да бараат“, вели Никола Костески.

 

Според десното крило, најважно ќе биде да се биде на висина на задача во одбраната, бидејќи доколку се успее во тоа ќе биде исполнет значаен предуслов за да се стигне до победа.

„Најважно за нас е да се фокусираме на одбраната, мечот нема да биде нималку лесен и затоа ќе биде многу важно да сме сконцентрирани во дефанзивата од првата до последната минута. Доколку сме на високо ниво во овој дел од играта ќе следат и голови на спротивната страна со што значително би си ја олесниле задачата“, дополнува најискусниот во нашиот табор.

Се вчитува...