Купот на Македонија одложен за април!

Завршниот турнир од Купот на Македонија што требаше да се игра викендов во Гевгелија е одложен за два месеци, на барање на Гостивар поради трагичната сообраќајна несреќа во која животите ги загубија 14 жители на овој град.

МКФ веднаш свика итен состанок по барањето на Гостивар за одложување, испраќајќи прв предлог фајналејт турнирот да се помести за еден ден, па да се игра од сабота до понеделник. Гостиварци го одбија и ова барање, а потоа на нивната иницијатива се приклучија уште неколку екипи учесници на завршниот турнир.

На крајот, МКФ донесе одлука Купот на Македонија да биде одложен за два месеци и да се игра од 12 до 14 април.

„Трагична сообраќајна несреќа синоќа ја зави Републиката во црно. Четиринаесет лица го загубија животот меѓу кои и млад кошаркар од клубот Гостивар. Поради новонастанатата ситуација Македонската кошаркарска федерација во согласност со организаторот донесе одлука да го одложи завршниот турнир од Купот на Македонија кој требаше да се одигра претстојниот викенд. Завршниот турнир од Купот ќе се одигра на 12. 13 и 14. април! Ниту еден збор нема да биде доволна утеха за блиските на настраданите. Искрено сочуство до семејствата и пријателите на загинатите“ – се вели во соопштението на МКФ.

Се вчитува...