Мајкл Фелпс беше доминантен во базените ширум светот, но американскиот олимписки рекордер по завршувањето на кариерата си најде нов предизвик – трка со малку поинаков противник. „Летечката риба“, како што го нарекуваа 31-годишниот Фелпс во Америка, ќе се трка со многу поголема риба, поточно со голема бела ајкула.
Станува збор за иницијатива на ТВ каналот „Дискавери“, кој со оваа трка ќе го промовира својот нов серијал за белите ајкули. Фелпс веќе почна да се загрева за оваа трка пливајќи крај ајкули, за што се пофали на својот инстаграм профил.
„Имав можност да направам нешто што отсекогаш сум го сакал. Да бидам во кафез и да нуркам крај големи бели ајкули“ – напиша Фелпс крај фотографијата од своите следни противници.
Сепак, ова ќе биде прва трка во неговата кариера што нема да зависи од Фелпс, туку од неговиот противник. Имено, ајкулите можат да пливаат и со брзина до 55 километри на час, додека вообичаената брзина при ловот им изнесува 40 километри на час.
Доколку ајкулите не се „мотивирани за лов“, тогаш Фелпс има шанси во оваа трка бидејќи кога не ловат овие риби вообичаено се движат со околу 8 километри на час, додека Американецот во една прилика пливаше со брзина од 9,6 километри на час.
Значи, олимпискиот рекордер има шанси во оваа трка – само доколку ајкулата биде најадена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА