Италија се пласираше во полуфиналето на ЕВРО 2020 по големата победа што ја оствари над Белгија, а селекторот Роберто Манчини не можеше да го сокрие задоволството од прикажаната игра на своите фудбалери.
Моите избраници одиграа неверојатен натпревар, размислувавме исклучиво на победа и тоа го направивме.
„Мислам дека немавме голем притисок во текот на играта. За да се победи тим како што е Белгија, потребно е сите да одиграат одличен натпревар и токму тоа се случи. Постигнавме два гола, а можевме да постигнеме и повеќе. Победата е целосно заслужена. Следната препрека е селекцијата на Шпанија, и колку повеќе одиме напред, толку е поголем предизвикот, но и мотивацијата. Сепак, вечерва сакаме да размислиме исклучиво за голема победа“, изјави Манчини.
Лоренцо Инсиње, стрелец на феноменалниот гол за 2: 0, беше прогласен за играч на натпреварот.
„Мислам дека секој играч во тимот одигра неверојатен натпревар. Постојано се обидував да постигнам гол со тој удар, и на натпревари и на тренинг. Мило ми е што успеав да бидам прецизен. Тоа беше одличен погодок, но ова е победа за сите нас“, изјави Инсиње.
Инаку, полуфиналниот дуел меѓу Италија и Шпанија е закажан за вторник со почеток од 21 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА