МИЛЕНКОВСКИ: „Немам никаква лична емоција кон оваа титула – кога би го подигнал овој пехар ќе се рефлектира празнината, темнината, болките, страдањата…!“

Вардар вчера ја прослави својата 13-та титула во својата историја, 12-та во независна Македонија, како заокружување на сезоната со, и тоа како, турбулентни случувања надвор од теренот кои некако повеќе, отколку од оној фудбалскиот аспект, го окупираа домашниот клупски фудбал.

И во моменти, повторно на тотална еуфорија, клубот, како по обичај секогаш кога е во прашање болната историја на Вардар во независна Македонија, некако ги остава по страна сите оние кои „крвареле“ за клубот тогаш кога му било најпотребно, кога бил оставен сам на маргините – и општествени, и спортски и навивачки.

Еден од нив и Милорад Миленковски, човекот кој заедно со неколкумина, а како предводници на „Комити“, сами го одржуваа комираниот Вардар во некаков живот носејќи го во најтешката негова сезона во историјата од Втората до Првата лига.

Но, по доаѓањето на новото раководство предводено од Миленко Неделковски, за жал на вистинските „вардарци“ а за срам на овој Вардар, токму Миленковски и оние носечки „Комити“ останаа потиснати на маргините, оставајќи простор на оние кои се појавуваат кога ќе се појават и парите – оние народните.

Миленковски, вчера, преку социјалните мрежи со свое обраќање до јавноста, потенцирајќи како што вели дека „нема никаква лична емоција кон истата, само како вардарец, титулата е на Вардар, и тоа ми е доволно“. До некои (по)убави времиња!

ОБРАЌАЊЕТО НА МИЛОРАД МИЛЕНКОВСКИ ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

Во овие моменти да си го кажам и своето мислење и став…
Титулата е на играчите, на тренерот и комплетниот стручен штаб, на управата, на економот, секретарот, на спонзорите, па дури и на навивачите… Тие се оние кои имаат дирекни заслуги, фактички резултати, уживаат плод од нивната работа, видлива и недвосмислена. И кога ќе се подигне трофејот, тогаш ќе блесне светлината, ќе стане огледало на реалноста во која секој ќе може да се види себеси внатре, да се погледне и да открие колкава е сопствената тежина, личниот придонес.
Можам да помислам барем за момент дека оваа титула е моја, но едно е што не сакам, а друго што нема видливи резултати кои ќе укажат дека тоа е така. Нема видлив момент на кој ќе можам да се повикам за да ја потврдам таа теза. Мојата борба е во енергијата, фреквенцијата, вербата, љубовта, вистината… Мојата победа е во тоа што Вардар е во светлината на секојдневието, во моментот на желбата за осознавање и сопственото препознавање во успехот, затоа што тоа стана важно, затоа што конечно Вардар е вистински во фокусот на јавноста.
Кога некогаш би го подигнал овој шампионски пехар, веројатно ќе се рефлектира празнината, темнината, болките, страдањата, илјадници тивки битки водени во тишината… Но борбата во тишината, надвор од фокусот, далеку од наративот, нема да сведочи, она што очите не можат да го видат, ниту срцето почувствува, кога совеста не е целосно будна, не можат да послужат како докази. И доколку се држам до фактите и вистината, со ладна глава и воздржани емоции, не можам да тврдам дека е нешто мое, а притоа да не изгледам несериозно кога тоа би го образложувал. Недостигаат аргументите, сведоците се неми…Невидливата борба е непризнаена, како да не се случила, иако во себе ги носи раните и лузните од водењето на тие безмилосни и бескомпромисни битки. Битки со самиот себеси пред оние со надворешните предизвици.
Завесата ќе биде спуштена денес, но предходно многумина ќе се впишат себеси во успехот, без да сакаат да видат што ќе рефлектира, други пак ќе ја видат вистината но ќе ја прикријат со насмевка пред фотографиите, со нив ќе сакаат да се надградат, во историјата да вметнат сопствена реалност. Ако.
На крајот на денот титулата ќе блесне од витрините покрај останатите трофеи на Вардар освоени низ историјата. Тоа ќе остане и така ќе биде запишано.
Никој нема да праша, никој нема да се бори да докажува, да ризикува да стане ревизионист на победничка историја. И не треба. Така нека биде.
Титулата не е моја, немам никаква лична емоција кон истата, само како Вардарец, титулата е на Вардар, и тоа ми е доволно.
Вардар е шампион !
Се одјавувам, до некои (по)убави времиња.

Се вчитува...