Нова сезона, исто прашање: Има ли херој да го запре МЗТ?

Како што е тоа вообичаено, почетокот на октомври е резервиран и за стартот на кошаркарските возбудувања во нашата земја, во Супер-лигата во која повеќе од една деценија доминира еден клуб, МЗТ Скопје.

Аеродромци имаат 13 титули во изминатите 14 сезони на домашната сцена, лани со максимални 3-0 го добија финалето со Маџари, потврдувајќи дека додека се мачат во АБА2, барем во македонските кошаркарски кругови се апсолутно недопирливи.

„Металците“ повторно создадоа респектабилен тим и важат за главни фаворити за титулата, а интересно ќе биде да се види дали ќе наидат на сериозен предизвикувач во атакот на новиот трофеј.

Барем на хартија, тоа би требало да е Куманово, ланскиот финалист во купот доведе неколку квалитетни домашни засилувања, што е исклучително важно ако се знае дека од годинава е воведено ново правило со намалување на бројот на странци на три во секоја екипа. Кумановци со Крстевски, Мекиќ и Стајиќ, како и со дел од играчите кои останаа од ланскиот ростер имаат екипа за респект, а ако на тоа се додаде дека на клупата им седи „докторот“ Марин Докузовски, дефинитивно се тим што не смее да се отпише од трката за највисок пласман.

ТФТ направи сериозни промени во тимот, си замина репрезентативецот Ташовски, но и врвните странски засилувања, но Боро Смилковски е познат по тоа што знае да создаде тимска хемија и нема сомнеж дека тимот од Тафталиџе повторно ќе игра атрактивна, брза кошарка.

Работнички се чини се стабилизираше на финансиски план, ги задржа Рикиќ и Ефремовски како лидери, го доведе искусниот Говенс од ТФТ, го врати Николов назад во мак-баскетот, па интересно ќе биде да се види кој ќе биде крајниот дострел на „центарци“ во оваа сезона.

Вицешампионот Маџари летово се ребрендираше и ќе настапува под името КК Скопје, а на клупата ќе се најде поранешниот селектор Марјан Илиевски, кој по неколку години како дел од управата на Пелистер повторно се враќа на клупата, овојпат во клубот во кој тој исто така е и еден од сопствениците.

Миодраг Тодоровиќ, младиот стратег кој лани оствари извонреден успех носејќи го Маџари во финалето, летово се пресели со Кожув, па и со суперлигашот од Гевгелија со големи амбиции го очекува стартот на новата сезона, во првото коло токму против Илиевски и Скопје.

Тука е и составот на Штип предводен од екс-селекторот Марјан Србиновски, во нова сала и со добиена вајлд-карта од федерацијата…

Се е подготвено за старт на новата сезона, нека биде понеизвесна и поквалитетна од последните години… затоа што е време кошарката да тргне во правецот што го заслужува.

Се вчитува...