Кошаркарите на МЗТ Скопје се надеваат дека конечно ќе успеат да одиграат еден натпревар на високо ниво во текот на сите 40 минути и ќе се вратат на победнички патеки во АБА-лигата. Денешниот предизвик на хартија е поголем од сите досега на домашен терен сезонава со оглед на фактот дека во Скопје доаѓа лидерот Будуќност, но „металците“ и лани во периодот во кој се соочуваа со голема криза успеаја да го совладаат црногорскиот првак со 96-90. Згора на тоа, Будуќност е во „црна серија“ кога станува збор за гостувањата во Скопје откако лани беше поразен и од Карпош соколи.
Бојан Трајковски и покрај повредата ќе биде во комбинација за настап на денешниот дуел (19 часот), додека Минчев се уште не му е на располагање на тренерот Александар Тодоров.
„Свесни сме дека против себе имаме тим што е меѓу најдобрите во АБА, што најдобро се гледа од лидерската позиција. Будуќност нема преголеми ѕвезди, колектив е главната сила на оваа екипа. Црногорците и во минатото биле изненадувани во Скопје, вклучително и минатата сезона кога беа можеби и посилни од сега. Како и да е, ние треба да одиграме најдобро што знаеме, да дадеме се од себе, бидејќи само така можеме да се надеваме на успех“ – изјави Тодоров во пресрет на денешниот дуел.
Црногорците врзаа шест победи во серија по единствениот пораз, претрпен од Игокеа, па полни со самодоверба доаѓаат во Скопје.
„МЗТ Скопје има искусна екипа, која добро се засили во последно време. Сега тоа е состав што никако не смее да биде потценет. Тие се одлични во нападот, ќе мораме да одиграме добро во одбраната и така да го наметнеме темпото што го посакуваме и да дојдеме до победата“ – истакна плејмејкерот Немања Гордиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА