МВР ќе ги седне на маса „Војводи“ и „Балисти“

Министерството за Внатрешни Работи се заложи за намалување на тензиите меѓу навивачките групи „Војводи“ и „Балисти“,договарајќи заеднички мерки и активности за релаксирање на односите меѓу тетовските приврзаници на клубовите Тетекс и Шкендија.

Секторот за внатрешни работи Тетово имаше средби со претставници на двете навивачки групи, при што е постигнат договор да се вложи напор за надминување на проблемите и меѓусебната нетрпеливост.

Како што соопшти МВР, средбите уследија по последните инциденти кои изминатиот викенд се случија во Тетово, а во кои беа инволвирани членови на овие две навивачки групи, но и за формите и начините за надминување на сите проблеми и недоразбирања.

„Раководството на СВР Тетово и претставниците на навивачките групи „Војводи“ и „Балисти“ договорија заеднички мерки и активности за релаксирање на односите помеѓу тетовските навивачи, а договорено е, исто така, во иднина тие да се воздржат од ширење говор на омраза, непримерно скандирање и упатување на навредливи и вулгарни пораки кон другите. На денешните средби произлезе и иницијатива за заедничка средба на двете навивачки групи и нивно помирување, со цел во наредниот период да не се повторат вакви или слични инциденти“ –  стои во соопштението на МВР.

Се вчитува...