Кометал Ѓорче Петров останува посебен и единствен во историјата на македонскиот спорт. На денешен ден, 19 мај 2002 година екипата која израсна во скопското предградие, на Македонија и ја донесе првата европска титула и најголемата спортска радост.
И 16 години подоцна Македонија со носталгија се присетува на „Кометал шампионе“, на победите и на единствените моменти во „Кале“, на неизмерната радост што ја обедини цела Македонија.
Лани, на јубилејната 15-годишнина од титулата на Кометал ЃП, ракометарите на Вардар ја донесоа втората европска титула во Македонија. Вардарки со ѕвездениот тим, пет години беа резултатски блиску да го повторат успехот во завршницата, но европската титула во Лигата на шампионите за нив остана неостварен сон и во овој последен мајски обид во Будимпешта пред распадот на тимот.
Токму во Будимпешта почна шампионскиот поход на Кометал ЃП во историското финале против Ференцварош. Беше „среќен пораз“ 27-25 во тој мајски ден на Дунав. Невидена сила и енергија и единствена поддршка од целата македонска публика каква што немал ниеден друг тим имаше тогаш Кометал ЃП.
И немаше крај на радоста по оние 26-22 на реваншот со ФТЦ во „Кале“, на шампионскиот пехар и на големата победа на македонскиот шампион.
Кометал ЃП во 2001 беше суспендиран од ЕХФ поради инцидентот од преходното финале со Хипо. Кометал ЃП во 2002 се врати и стана европски шампион!
Трифун Костовски не го распушти тимот во најтешките моменти кога капеа солзи на немоќ по поразот од Хипо во финалето во 2000. Тимот не беше „залудна, скапа инвестиција“ ни во онаа наредна година без европски настапи. Трифун Костовски веруваше во својот клуб, тимот остана заедно, а потоа Македонија заедно со Кометал ЃП цела сезона и пееше на Европа „како е добро видети те опет…“. И, Европа го виде „Кометал шампионе“.
Тоа не се заборава. Тоа се памети и после десет, и после шеснаесет години…Ќе се памети засекогаш. Како што се паметат имињата на Индира Кастартовиќ, Гордана Нацева, Милева Велкова, Анжела Платон, Мими Чупиќ, Лумица Дину, Наталија Тодоровска, Лариса Кисељева, Адријана Будимир, Ања Андрушенко, Елена Златановска…И, секако на газда Трифун кој и после деценија и пол знае да го собере „тимот“ и секој да и се радува на повторната средба.
Ќе останат запишани европската титула во ЛШ една и единствена во македонскиот женски ракомет и другите две финалиња на Кометал ЃП во европската елита, недостижните 17 титули шампион на Македонија, 16 пехари во Купот на Македонија.
Приказната на Кометал ЃП заврши во септември 2011 година. Траеше 18 години и остави неизбришлива трага и носталгија за оние „добри стари времиња“ кога хит беше „Кометал шампионе…“
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА