Македонската одбојкарска репрезентација денеска почнува со новиот предизвик наречен Европска лига, натпреварувањето во кое нашите „спартанци“ редовно стигнуваат до завршницата, но овојпат се решени да одат до самиот крај, до златниот медал во ова престижно натпреварување. Предводени од нов селектор, Драгутин Балтиќ, воедно и соочени со сериозни проблеми околу неиграњето на Јовица Симовски, Ѓоко Јосифов и Филип Деспотовски, „црвено-жолтите“ сепак со оптимизам гледаат на новите искушенија, почнувајќи од турнирот во Скопје што стартува денеска.
Настапот во Европската лига го почнуваме со пресметката со Азербејџан во 19.30 часот, по што утре ќе ги одмериме силите со Албанија, а в недела за противник ќе ја имаме Шведска. Желбата на нашите одбојкари е јасна – победи на трите натпревари.
„Несомнено дека сме поквалитетна репрезентација од Азербејџан, но противникот може да биде опасен ако го потцениме. Албанија ја победивме два пати, како и Шведска која е најголем анонимус од овие репрезентации. Не очекува тежок турнир во Скопје, но физички добро сме подготвени. Работевме многу напорно и она што засега е најважно – не смееме никого да потцениме. Треба желбата и мотивацијата да ја преточиме на терен и да завршиме со три победи. Три победи од 3-2 би биле добар резултат пред патувањето за Албанија. Подготвени сме за мечевите. Наша примарна цел е пласман на Ф4 турнирот“ – истакна капитенот на македонската репрезентација, Никола Ѓорѓиев.
Натпреварите од турнирот во Скопје од Европската лига ќе се играат во СРЦ „Кале“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА