Денес е вториот ден од четвртфиналето, а дуелот меѓу Чешка и Данска е најубавото нешто што ни го донесе ова Европско фудбалско првенство.
Никој не очекуваше фудбалерите на Данска да се кренат по целата ситуација со Ериксен на првиот натпревар од групната фаза со Финска. Сепак, тие покажаа дека, не само што се издигнаа по страотната сцена, туку имаат и реални шанси да се пласираат во полуфиналето, со оглед дека противникот, барем на хартија, не е во рангот на другите противници.
Како се одвиваат досега работите, се повеќе се присетуваме на лудата историја на Данска од 1992 година, кога оваа репрезентација воопшто и не требаше да игра на ЕП, влета како замена за Југославија, а потоа приреди уникатен подвиг и стана европски првак.
Но, од друга страна, Чесите не треба да се потценат. За ова најдобро сведочат елиминациите на Холанѓаните и Хрватите.
Последниот натпревар на Европските шампионати двете селекции го одиграа во 2004 година во четвртфиналето. Чешка славеше со резултат 3-0, благодарение на извонредниот Милан Барош. Интересна е прикажаната статистика на чешката јавност, а истата вели дека ако Барош се спореди со сегашниот напаѓач Патрик Шик, тогаш станува јасно дека и двајцата напаѓачи прикажале подобра игра на репрезентативно ниво отколку на клупско.
Патрик Шик има уште поголема мотивација за овој дуел. Тој има постигнато четири гола на ЕП, па го дели само еден гол од Кристијано Роналдо и неговиот сонародник Милан Барош, кој во 2004 година беше прв стрелец на ЕП со пет погодоци.
Селекторите на двете репрезентации ги открија имињата на стартерите кои ќе истрчаат на теренот од првата минута.
ЧЕШКА: Вацлик, Калас, Челустка, Цуфал, Кадерабек, Холес, Масопуст, Соучек, Барак, Шевчик, Шик
ДАНСКА: Шмајхел, Вастергард, Кјаер, Кристенсен, Вас, Дилејни, Хојбјерг, Меле, Дамсгард, Брајтвајт, Долберг
Натпреварот меѓу двата тима ќе се игра во Баку, а за судија ќе го имаат Холанѓанецот Бјорн Кујперс. Победникот од овој меч ќе се сретне од подобриот од дуелот меѓу Англија и Украина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА