Агенцијата за Млади и Спорт денеска потпиша нов договор за соработка со четири спортски федерации, за наменски донации согласно новиот закон. Првиот човек на АМС, Марјан Спасески, имаше средба со првиот човек на МКФ, Петар Наумоски, потоа со Саша Ќириќ како претставник на ФФМ, Наумче Мојсовски како дел од Ракометната Федерација на Македонија и Зоран Ѓорѓески како претставник на Карате федерацијата.
Ракометната Федерација на Македонија ќе инкасира 5,2 милиони долари, пред Македонската кошаркарска федерација и Фудбалската федерација на Македонија со по четири милиони денари наменски донации. Карате федерацијата ќе добие 1,5 милиони денари.
„Со новите измени во законот, Агенцијата за млади и спорт доби нов стабилен извор на финансии и овие средства се проследуваат кон спортските федерации во Република Македонија. Досега, на 50 федерации се трансферирани 91 милион денари или речиси 1,5 милиони евра. Само по себе тоа кажува дека буџетот на АМС е трикратно зголемен. Верувам дека сè ќе се валоризира преку големи спортски успеси. Средствата се донирани за организација на меѓународни натпревари во Република Македонија како и за помош на националните селекции кои ќе настапуваат надвор од државата. Од сите средства кои се наменети конкретно за македонската кошаркарска федерација, два милиона ќе бидат одделени за сениорскиот национален тим кој ќе се натпреварува на претквалификациите за СП 2019, за организација на Европското првенство за девојки до 16 години како и за настапот на селекцијата до 20 години на ЕП Дивизија Б што ќе се одржи во Романија. По потпишувањето на овие договори, во најскор можен рок средствата ќе бидат трансферирани до федерациите“ – истакна Марјан Спасески, директорот на АМС при потпишувањето на договорите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА