Наум Љамчевски, тренер на новиот третолигаш Црно Буки

Невидена фудбалска еуфурија владее во малото битолско село Црно  Буки. За првпат во нивната куса историја наместо во една од двете општински лиги на Битола, клубот Црно Буки од есен ќе игра во многу повисок ранг, во Третата лига-југозапад во која заедно со Црно Буки ќе играат: Новаци и Кравари од Битола, Караорман, Влазними, Октиси, Фљамуртари, Лирија и Велешта од Струга, Охрид Лихнида, Сатеска и Лакочереј од Охрид како и Преспа и Лирија од Ресен.

За овој тим од мало село навистина силна конкуренција и токму затоа раководството на клубот, претседателот Тодорче Кочишки и спортскиот директор Трајче Брдаревски прават напори да ја засилат екипата и на играчки и  на стручен план, сето тоа е на аматерска основа.

На помош е повикан познатиот тренер од Битола, Наум Љамчевски, кој беше тренер на Пелистер, Вардар, Милано, на Напредок од Кичево со кој играше во финалето на Купот на Македонија.

„Ова е млада и  неискусна екипа, но ќе се трудам со својата помош да им помогнам извесно време на овие посилни натпревари, го заслужуваат тоа“, вели Наум Љамчевски, на кого во работата со голманите ќе му помага Владимир Костадиновски.

Веќе се ангажирани и неколку засилувања во Петар Велевски од Еуромилк, како и младите играчи на Пелистер Ѓорѓи Стојановски, Дамјан  Милошевски и Кристијан Георгиевски.

/М.М/

Се вчитува...