Невидена драма: Партизан го одбрани Купот на Србија, Црвена звезда пак на колена

Партизан во неверојатно финале вечерва во салата „Чаир“ во Ниш го одбрани трофејот во кошаркарскиот Куп на Србија, во големото финале совладувајќи го вечниот ривал Црвена звезда со резултат 78-76. Мечот за трофејот ќе остане запаметен како еден од најинтересните во последните десетина години, со бројни пресврти во последните две минути, за на крајот да се радуваат „црно-белите“.

Двете екипи се менуваа во водство во текот на целиот натпревар, за Партизан да поведе со 67-63 на три минути до крајот. Тогаш своето шоу го почна Били Берон, кој до крајот постигна три тројки, со третата носејќи предност од 71-72 на 48 секунди до крајот. Партизан возврати со тројка на Ренфро, по што „црвено-белите“ при 74-72 имаа две слободни фрлања. Добриќ два пати промаши, но во мешаницата што се создаде истиот кошаркар најдобро се снајде по офанзивен скок и погоди за израмнување на 1,1 секунда до крајот.

И кога се очекуваа продолженија, Тринкиери го извади последниот „џокер“ од ракавот, одлично фрлена топка кон Лендејл, кој не реализираше од одбојка, но беше фаулиран на 0,2 секунди до крајот. Центарот на Партизан ги погоди двете слободни фрлања за огромна радост на „црно-белите“ и одбрана на ланскиот освоен трофеј во ова натпреварување.

Ренфро и Лендејл беа најефикасни во победничкиот тим со по 18 поени, додека кај Црвена звезда најдобри поединци при поразот беа Берон со 18 и Давидовац со 17 поени.

Се вчитува...