Нова голема победа на Алкалоид – Во последното коло битка за европска титула!

Уште една одлична игра и нова висока победа на Алкалоид на Европскиот куп на шампионите! Во шестото коло „фармацевтите“ славеа против чешкиот шампион Ст. Лиза и Лабем со убедлив резултат од 5-1!

Победничката серија со одлична игра, ја отвори Инаркиев на четвртата табла, следеше реми на Шанкланд, и веднаш по него уште една на Ковалев (петта победа од шест партии и само едно реми). Во меѓувреме на првите две табли шахистите на Алкалоид постигнаа решавачка предност во позициите, па со победа ја заврши својата партија и Андреикин. На петтата табла Криворучко се согласи на реми во моменти кога победникот во мечот веќе беше решен. Мамедјаров во отворањето жртвуваше два пешака за иницијатива и до крајот на партијата не му остави на противникот никаква шанса за изедначување на позицијата. На крајот ефектно ја заврши партијата, победувајќи го поранешниот светски првак Пономарјов.

По шестото коло, во водство е екипата на Обиетиво од Падова, Италија со максимални 12 бодови. Ја следат Алкалоид, ШК Москва од Русија, АВЕ Нови Бор од Чешка и Приморски од Русија, сите со по 10 бода, Медњи Всадник е шести со 9 бода.

Во последното, решавачко коло овие  шест екипи во меѓусебните борби ќе го решаваат победникот на Купот и распоредот на медалите. Алкалоид во последното, седмо, коло се соочува на првата табла против лидерот Обиетиво и со триумф може да се надева на европска шампионска титула. Во останатите два клучни натпревари во битката за првото место се соочуваат: АВЕ Нови Бор – Москва и Приморски – Медњи Всадник.

Се вчитува...