Бразил и Перу ќе излезат вечерва во 22 часот на мегдан на легендарната „Маракана“ во Рио де Жанеиро, во 90-минутна битка во која награда за победникот е трофејот во Копа Америка. Јасно е, улогата на фаворит му припаѓа на бразилскиот состав, кој на досегашните четири изданија на Копа Америка освоил исто толку трофеи.
Дури и без помошта на повредениот Нејмар бразилскиот состав делува импресивно, пред се благодарение на беспрекорната одбрана и одличниот голман Алисон Бекер. „Кариоките“ цел шампионат се без примен гол, а доколку тоа го повторат и во финалето, ќе станат првата селекција што стигнала до пехарот без нејзината мрежа притоа да биде затресена.
„Најважна е титулата, а не дали противникот ќе даде гол. Фокусирани сме и максимално мотивирани, сакаме да го освоиме овој трофеј пред нашите навивачи“ – изјави Алисон во пресрет на финалето.
Перу веќе приреди две изненадувања на патот до ова финале, елиминирајќи ги Уругвај (на пенали) и бранителот на трофејот Чиле (со 3-0). За Перуанците ова ќе биде прво финале по 44 години, а интересен е податокот дека оваа селекција досега никогаш не загубила финален меч на Копа Америка (играла две во 1939 и 1975 и на двете забележила победи).
„Кога ќе стигнете до оваа фаза, секако дека сакате да победите. Противникот е фаворит, има извонредни играчи и врвен тренер, но верувам дека моите фудбалери го имаат она што е потребно за да стигнат до пехарот“ – прокоментира Рикардо Гарека, аргентинскиот стратег на клупата на Перу.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА