Полска и Левандовски на колена, Словачка оствари голема победа во Санкт Петербург (ВИДЕО)

Словачка вечерва успеа да ја победи репрезентацијата на Полска со резултат од 2-1, во рамки на првиот натпревар што се одигра од групата Е на ЕВРО 2020 на „Гаспром Арена“ во Санкт Петербург. Овој дуел е уште еден показател дека големите фудбалски имиња остануваат фаворити само на хартија, па сега Словаците се наоѓаат на првата позиција пред Шпанија, Шведска и Полска.

На почетокот од натпреварот Полјаците го имаа поседот на топка под своја контрола, но залудно, по 19. минути игра следуваше „гром од ведро небо“, откако Робер Мек направи одличен пробив меѓу двајцата дефанзицви на Полска и со малку среќа успеа да ја смести топката покрај слабо поставениот Војчех Шчесни, а ова всушност беше и запишано како автогол на голманот. До крајот на првото полувреме немаше големи возбудувања, па со овој резултат се замина на пауза.

Следуваа нови минути за двете селекции, а почетокот на второто полувреме се посреќи за полскиот фудбалер Карол Линети, кој во 46. минута успеа да постигне гол и да запише 1-1 на семафорот во „Гаспром Арена“. Сепак, тогаш кога се чинеше дека Роберт Левандовски и неговите соиграчи ќе ја оправдат фаворитската улога на овој дуел, Гжегорц Криховијак во 62. минута доби втор жолт картон, а ова значеше дека Полска до крајот на мечот ќе игра со играч помалку. Ваквата предност максимално ја искористија фудбалерите на Словачка, па по 7 минути игра дојдоа до нова предност од 2-1, а големата радост ја донесе Милан Скриниар успевајќи по еден центаршут одлично да ја прими топката и да ја смести во мрежата на Шчесни.

До крајот на натпреварот немаше промени, Левандовски и Полска на колена, Хамшик и соиграчите прославија голема победа која ги носи на чекор поблизу до пласман во следната фаза.

 

 

 

Се вчитува...