Пројковска денеска испишува историја за мак-фудбалот

Најдобрата македонска судијка Ивана Пројковска денеска ќе испише историја за мак-фудбалот, делејќи ја правдата на финалето од Европското Првенство за фудбалерки до 19 години што се одржува во Шкотска. Во финалето ќе се сретнат Франција и Германија, а Пројковска не крие дека е пресреќна од шансата што ја добива – да се докаже како врвен арбитар на завршниот меч од едно големо натпреварување.

„Ова ме прави многу среќна. Ние сме многу мала држава, така што ова значи многу за македонскиот женски фудбал. Се надевам дека ќе поставам пример што ќе го следат други жени. Чувството е неверојатно, работевме напорно во текот на целата сезона и ова е шлаг на тортата“ – вели Ивана Пројковска во изјава за официјалната веб-страница на УЕФА.

Пројковска ја почна кариерата како фудбалерка, за потоа да ја прифати поканата од Фудбалската федерација на Македонија да се обучува за судијка.

„Тоа што порано играв многу ми помага на теренот. Имам прегледност на играта и знам како реагираат и се движат играчите“ – истакнува Пројковска.

Се вчитува...