Промовирана книгата „100 години – ФК Тиверија“

Во присуство на голем број љубители на фудбалот, во Струмица беше промовирана монографијата „100 години Тиверија, еден век фудбалска историја“  чии автори се Аце Стојанов и Ристо Секулов.

По Беласица, Тиверија е еден од најпознатите фудбалски клубови во Македонија, чиј дрес го носеле многу познати фудбалери.  Има играно во сите лиги во нашата држава почнувајќи од Меѓурегионалната лига – Исток, Третата лига-Исток, Втората лига се до Првата лига. Монографијата обилува со многу податоци, резултати, табели, голгетери, имињата на досегашни претседатели, тренери, фудбалери кои играле за Тиверија. Меѓу најпознатите  фудбалски имиња  се сигурно браќата Митко, Ристо и Никола Секулов, потоа Томе Семенков, Ристо Панов, Ѓорѓи Кичуков,  Костадин Костадинов, Димитар Георгиев-Шеки, Ристо Попов, Бранко Оздоленовски, Томе Балдовалиев, Томе Стојанов, Благој Ашиков, Томе Аљоков, една плејада на одлични фудбалери кои играле и во другите клубови во Македонија.

На нејзината клупа седеа поранешни фудбалери, познати тренерски имиња од Струмица: Ристо  Божинов, Петар Андреев, Милан Василев, Славко Џорлев, Ристо Анчев, Југослав Тренчевски, Томе Ефтимов-Жонглер.

Ова е втора монографија што ја издаде Тиверија. Пред две години познатиот новинар од Струмица, Иван Станоев беше автор на првата монографија „9 децении на ФК Тиверија“. Станоев е автор и на монографијата „60 години на ФК Беласица“ и коавтор заедно со Ацо Манински и Иван Василевски на книгата „Благој Истатов, македонска фудбалска легенда“.

М.М

Се вчитува...