МЗТ Скопје веќе направи ремонт во својот играчки кадар, додека Работнички и покрај победничката серија во домашното првенство се уште е во подготовки за дополнително да ги засили своите редови. Марин Докузовски е свесен дека за битка за титулата неопходна ќе му биде и подолга клупа, а во ситуација кога првото дерби со МЗТ Скопје е закажано за почетокот на наредниот месец, „докторот“ би сакал дел од посакуваните играчи да ги доведе во следните денови, за сериозен атак на триумф во СЦ „Јане Сандански“.
Двајцата македонски репрезентативци, Кире Николовски и Стојан Ѓуроски, се играчите кои раководството на клубот би сакало да ги ангажира доколку успее да ги договори условите за соработка. Станува збор за квалитетни играчи кои би ја зголемиле ротацијата на Работнички, и тоа на позициите каде тимот од „Градски парк“ делува „најтенко“. Воедно, со нивниот ангажман најтрофејниот македонски клуб би ставил дополнителен акцент на домашните играчи, наспроти странските засилувања за кои се решаваат поголем дел од прволигашите.
Поголем дел од буџетот на Работнички ќе биде обезбеден од јануари следната година, но тимот од „Градски парк“ би можел час поскоро да ги договори двајцата репрезентативци, кои се наоѓаат на тренинзите на националниот тим пред следните предизвици со Словачка и со Швајцарија. Разговорите се веќе стартувани, а конечниот епилог се очекува во најскоро време, со оглед на фактот дека и за Николовски и за Ѓуроски постои интерес и од други македонски прволигаши, а двајцата кошаркари по добивањето на раскин на договорот со Карпош соколи ќе инсистираат што поскоро да најдат нов ангажман.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА