Ракометни резултати за Гинис (5): Во 1958 година Партизан Гевгелија и Борац Скопје играа нерешено 4-4

Миодраг Мицковиќ

Денес, гледајќи ги ракометните натпревари во преполните сали, еден брз, атомски ракомет, чудно ни изгледаат резултатите пред педесетина година кога се играше на отворено, често и по дожд, на асфалтни лизгави терени, на шљака, на онаа таканаречена црвеница. Затоа и по малку со неверување многумина ќе се запрашаат, зарем е можно да има мечеви со толку малку постигнати голови, на некои средби на женските екипи, имаше дури и еден меч без голови: Партизан Ѓорче Петров-Пелистер 0:0, потоа Кометал Ѓорче Петров-Тутунски комбинат 50:0. За жал имаше и несекојдневни резултати постигнати и во сала на оној чуден меч кога во Втората лига на Југославија Вардар го совлада Металург дури со 59:11, точно 80 постинати гола на еден натпревар. Да не ја заборавиме и средбата за првенство на Втората лига на Македонија на која Младост од Богданци го победи Борец од Велес со 54:6/29:0/. Сите овие резултати ќе се најдат во книгата на македонските гинисои рекорди.

Гевгеличани видоа само 8 гола на еден меч

Во тоа наше истражување на интересни ракометни натпревари кои заслужуваат да се најдат во книгата на гинисовите рекорди е и мечот меѓу Партизан од Гевгелија и Борац од Скопје одигран на 12 мај 1958 година за првенство на Македонската лига кој заврши без победник 4:4/2:1/. Се одигра на асфалтен терен, зад головите на фудбалското игралиште во Гевгелија. Судеше Христо Димов , инаку професор на Факултетот за Физичка култура, еден од нашите познати судии. Еве ги и составите на екипите и стрелци на „многуте“ голови.
Партизан: Томе Тодов, Јован Бутров 1, Ристо Нејков 1, Иван Наков, Ристо Тодов, Аврам Стојков 2, Стојан Петров, Ристо Танелов, Зоран Зафиров, Антон Беширов.
Борац: Миодраг Мицковиќ, Томче Павичиќ, Божидар Васиљевиќ, Перивое Раниќ, Душан Микиќ, Марјан Марјановиќ 1, Богољуб Ивановски, Никола Богдановски 2, Миќа Стојановиќ, Теофил Томановиќ.
Борац беше клуб кој го финансираше тогашната ЈНА, во чии редови играа повеќе студенти од Скопје и поранешни ракометари на „Партизан 8“, кој беше формиран во гимназијата „Орце Николов“. Имаше свои простории во зградата на денешнто воено фудбалско игтралиште, а натпреварите ги играше на теренот за мал фудбал зад салата во Градскиот парк.

Ветер ја „контролираше“ топката

Зошто имаше толку малку голови за 60 минути игра, одговор го добивме од авторот на овој текст, кој беше активен учесник на овој натпревар бидејќи бранеше за Борац.

„Иако не врнеше, теренот беше лизгав од претходните дождливи денови, дуваше мошне силен ветер, поради кој играчите имаа проблеми да ја контролираат топката, која од ветер често го менуваше правецот ако некој ракометар се обидеше да ја удри во асфалтот, при додавањето еден на друг, одеше од рака на рака. Поради лизгавиот терен, немаше многу контранапади, играчите стравуваа од повреди. Според тогашните правила, можеше долго време да се држи топката во рацете , да се „врти“ околу зоната, без страв дека судијата ќе им ја одземе топката ако не се активни и не шутираат кон противничкиот гол поради изминато време за напад како денес. Поинаков ракомет се играше во тоа време, не беше толку многу атрактивен поради тие правила. Има и голема разлика да се игра на отворен терен или во сала. 

Имавме можност подоцна да разговараме со легендата на гевгелискиот ракмет Томе Главчев, кој го водеше записникот од овој меч и кој педантно забележал дека ракометарите на двете екипи погодиле со топката за време на мечот, 23 стативи на двата гола. Можеби и тука може да се бара причината за толку малку постигнати голови.

Борац стана првак на Македонија и учествуваше во квалификациите за влез во Првата лига на Југославија на турнирот во Марибор, но не успеа да се пласира во конкуренција на клубовите Марибор, Динамо од Панчево и Ловќен од Цетиње. Два месеци потоа дојде до фузија меѓу Борац и Графичар од Скопје. Графичар одново стана првак на Македонија и на турниот за влез во Првата лига во Нови Сад го освои првото место пред Војводина, Сплит и Ловќен и стана втор прволигаш на Југославија од Македонија покрај Работнички. Инаку Работнички, како стандарден член на Првата лига на Југославија, не играше во првенствата на Македонија.
Со овој напис ќе ја завршиме серијата на ракометните резултати за македонската книга за Гинис, но доколку некој од читателите дознае за уште некој интересен резулат, подготвени сме да го провериме и објавиме и да го вметнеме во историјата на ракометот во Македонија.

На крајот, прелистувајќи ја книгата на Гинисовите рекорди го пронајдовме и овој неверојатен резултат кој заслужено го држи првото место во машка комкуренција. На Турнирот на пријателство на воени репрезентации во Мишколц во Унгарија 1981 година, репрезентацијата на тогашниот СССР го победил Авганистан со 86:2.

Се вчитува...