Раул Гонзалес: Во Македонија сите го сакаат ракометот, a тоа е мојот живот

Раул Гонзалес заминува од Вардар како најуспешен тренер во историјата на клубот со кој „црвено-црните“ стигнаа до европската титула и запишаа два настапи по ред на Ф4 турнирот од Лигата на шампионите во Келн. Во изминатите четири години шпанскиот тренер остави посебен белег во Вардар, но и во европскиот ракомет. Летово Раул Гонзалес од Скопје се сели во Париз и од следната сезона ќе го предводи ПСЖ. Во интервјуто за официјалниот сајт на регионалната СЕХА Гаспром лига, Раул Гонзалес открива кои моменти од неговата кариера во Вардар засекогаш ќе ги памети, како се чувствува како „ел команданте“ и што најмногу ќе му недостасува од Македонија.

Јас сум многу горд што успеавме заедно да се искачиме до врвот. На почетокот Вардар беше нов клуб со големи амбиции и на крај ние го постигнавме најголемиот успех во Лигата на шампионите. Првите две години бевме многу добри, игравме во главната фаза, но беше многу тешко. Нашиот тим секогаш беше во врвот и тоа е многу важно. Мислам дека сега Вардар е многу добар тим и секогаш ќе има шанса да игра на завршниот турнир. Јас сум горд на мојот тим“ – истакнува Раул Гонзалес.

За сите успеси, вели најзаслужни се играчите.

„Играчите секогаш се најважни. Јас не играм, можам само да им помогнам. Но, ако немате добри играчи и ако не играте правилно, нема ништо да направите. Јас сега сум тренер на Вардар, после тоа ќе бидам на ПСЖ, но мислам дека мојот најголем успех беше што овие играчи одиграа добро и го постигнаа тоа што го посакуваа. Најважно е да се работи добро. Тогаш се си доаѓа на свое место“

Во сеќавањето секогаш ќе му останат миговите кога Вардар стигна до првата шампионска титула на Ф4 турнирот во Келн и се она што следуваше потоа.

Се разбира, секогаш ќе ја паметам победата во Лигата на шампионите и извикот на Столе „Леле, луѓе, го направивме тоа!“. Никој не знае колку тешко и напорно работевме во целиот тој период“ – издвојува Раул Гонзалес.

Кога ќе замине од Скопје, како што вели најмногу ќе му недостасува непосредноста и ракометната пасија што ја има во Македонија.

„Кога дојдов овде имав поддршка од сите, од публиката, од клубот од навивачите, од играчите. Тоа за мене беше нешто ново бидејќи во Шпанија не е така. Во Шпанија ракометот не е толку важен како што е тоа во Македонија. Овде тоа е спорт број еден и тука има голема разлика. Во Шпанија доаѓаат по 2-3 новинари само на тренинг или на прес конференција , тие сакаат да имаат само вест, но без информација. Овде сите го сакаат ракометот, луѓето живеат за ракометот. Прекрасно е кога ќе видиш полна сала, постојано навивање и поддршка. Тоа е убавината на спортот“.

Токму македонските сали, атмосферата и поддршката се нешто што секогаш каде и да биде „ел команданте“ ќе го носи со себе.

На почетокот не знаев дека ме викаат така. Некој ме пречека на тој начин. Сега веќе го прифатив тоа и лесно е“ – објаснува Раул Гонзалес како станал македонски „ел команданте“ .

И го одвојува она што го прави посебен и незаборавен неговиот престој во Македонија.

„Моите сали, за мене тоа е како знак. Ги сакам „Јане Сандански“, Кале и „Борис Трајковски“. Бидејќи секогаш има многу емоции кога ќе влезеш во салата и кога ќе видиш дека е полно, дека навивачите ти даваат поддршка. За мене, мојот живот е ракомет“ – вели Раул Гонзалес.

Тој летово заминува од Вардар, но останува селектор на машката сениорска репрезентација на Македонија со која деновиве избори пласман на СП 2019, а во перспектива е целта до ОИ во Токио.

„Мислам дека со репрезентацијата треба да одиме чекор по чекор напред. Олимпијадата се уште е многу далеку. Со клубот тренирате секој ден и може да планирате што ќе биде после три недели. Кога тренирате со националниот тим имате една недела да се подготвите и нема потреба да мислите ништо повеќе. Треба да имате план, да ги изберете најдобрите, да работите со нив и тоа е тоа!“ – истакнува Раул Гонзалес.

Се вчитува...