Ентони Џошуа со фантастичната борба против Владимир Кличко и освоената титула го привлече вниманието на целокупната јавност, која со нетрпение го очекува името на неговиот следен противник. Како една од опциите се споменуваше и Тајсон Фјури, но како што стојат работите огромна е шансата дека Џошуа најпрвин ќе му даде шанса за реванш на Кличко, борба за која веќе сериозно се преговара.
„Сигурен сум дека Кличко ќе сака одмазда, Џошуа нема ништо против нова борба, убеден е дека повторно ќе победи. Ги разгледуваме датумите, една од опциите е да борбата да биде во Кардиф кон крајот на октомври. Во ноември овој стадион е зафатен за рагби-натпревари, но доколку не се договориме за местото, во игра се и Лас Вегас и Дубаи, па дури и Кина“ – изјави промоторот на Џошуа, Еди Херн.
Британскиот боксер по борбата со Украинецот се пожалил на болка во рамото, но тој проблем според Херн воопшто не е сериозен.
„Тој има мал проблем со рамото, но видете го Кличко, кој се уште има повреди на лицето. Како и да е, и двајцата имаат доволно време за да се опорават, да почнат со подготовки во својот тренинг-камп и да влезат 100% во борбата, доколку ја договориме“ – порача Херн.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА