ТАЈМАУТ: Шлаканици за паметење – дојде време за промени кај вечните ривали

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

Работнички и МЗТ Скопје со години наназад ги делат меѓу себе трофеите на македонската кошаркарска сцена, користејќи ги доминантните буџети во однос на ривалите од мак-баскетот. Проблемот е што тие пари се трошат „од година за година“,  без да се креира подолгорочен проект, да се развие некој млад домашен играч и создаде „база“, наместо да се ротираат странците како движечка сила. Некој ќе каже, македонските играчи не ги бива доволно, и колку и да не е далеку од вистината, факт е дека ова што се случува во МЗТ Скопје и Работнички е резултат на лоши тренерски одлуки и менаџирање на клубовите, веќе подолго време.

Да не заборавиме, главниот дел од финансирањето на вечните скопски ривали е од општинските каси, што го прави уште попоразително трошењето народни пари во промашени проекти.

Работнички е тотално фијаско цела сезона, а настапите во АБА2-лигата и наводниот замор никако не смеат да се искористат како алиби за она што го гледаме од „центарци“, кои дното го допреа со денешното фијаско во Куманово и поразот од 95-70. На Работнички како да не му беше доволна бламажата за неиграње на вториот балон во АБА2 (коронавирусот не може да е доволен изговор, кога бевме сведоци на екипи кои одеа и играа со по седум кошаркари цел балон), па почна да губи од кого стигне и на домашната сцена. Димитар Мираковски доби и премногу кредити за време на тренерската кариера, но ако овој дебакл не му „пресуди“, тогаш наскоро одговорност ќе треба да преземат и оние кои го донесоа и го штитеа во сите претходни неуспеси.

Кај МЗТ Скопје ситуацијата воопшто не е толку трагична како кај градскиот ривал, но скопските „сино-бели“ се тим што е формиран за влез од АБА2 во АБА1, нешто што со моментната форма и начин на водење на клубот се чини невозможно. Секоја наредна година МЗТ е се подалеку од остварувањето на таа цел, со Задар недостигаше еден шут, лани пресудија петте порази во низа кои значеа и губење на второто место на табелата, а сезонава настапите „топло ладно“ во првите три балони не даваат оптимизам дека ситуацијата би можела да се промени.

Јавна тајна е дека Ѓорѓи Кочов беше пред смена по вториот AБА-балон, кога само поради ненаоѓањето адекватна замена тој преживеа на клупата. По денешното фијаско во второто полувреме против Александар Петровиќ и Академија ФМП (52-27 за домаќините), управата повторно ќе биде на испит, да донесе тренер дури не биде предоцна, затоа што со овој буџет МЗТ не смее вака да се бламира.

Петровиќ сезонава веќе им одржа лекција и на Мираковски и на Кочов со неколку пати помал буџет, Марјан Илиевски прави чуда со Пелистер постигнувајќи по 100 поени на речиси секој натпревар, дури и новиот прволигаш ТФТ бележи резултати за секој респект со оглед на вложувањата. Очигледно е дека во мак-баскетот има луѓе кои знаат како да извлечат максимум, да изреализираат проект и со многу помали вложувања да изгледаат многу посериозно на терен. Додека „брендовите“ наместо да се вијат на врвот, тонат во сопственaта (под)просечност.

Се вчитува...