Шоуто на „Комити“: Вардар не се остава никогаш… (ФОТОГАЛЕРИЈА)

„Комитите“ со „фешта“ пред националната арена „Тодор Проески“ денеска го испратија Вардар во Втората лига. За првпат во клупската историја „црвено-црните“ следната сезона ќе играат во второлигашката конкуренција, но најверните навивачи потенцираа дека секогаш ќе бидат зад својот клуб, кој ќе се врати и уште посилен во елитата…

„Последен натпревар на Вардар, во сезоната која ќе ја паметиме како чистилиште низ кое поминаа само оние кои вистински него го сакаат. Нема да бидеме никогаш ничии полтрони, ничии играчи, ниту пак ќе прифаќаме било какви компромоси кои ќе имаат историски реперкусии кон клубот. Вардар е веќе второлигаш, и кај вистинските навивачи тоа ништо не менува. Нема да дозволиме ниту во еден момент никој да се сити на оваа состојба, туку со насмевки и со кренати глави ќе чекориме, затоа што нема поголема казна за душманите од тоа да им покажеме дека не можат да не скршат со ништо. Радоста е најголемото наше оружје, нашата среќа ќе ги докрајчи пред се оние кои потрошија многу ресурси, време и пари за да се случи вакво сценарио, и повторно машки застанавме, и малку фалеше да оствариме комплетна победа. Но што е победата, кога ние со нашите дела и постапки веќе ја заслуживме, а тоа што ни беше украдена од тројната коалиција на надлежните заедно со ФФМ, нема да го скрши нашиот морал, затоа што останавме компактни и борбено способни за да им задаваме удари во времето кое доаѓа. Причини за радости имаме многу, нашите срца се големи, нашата љубов неизмерна, а тоа е она што е непроценливо и со трајна вредност. Нашата приказна со Вардар ќе продолжи да трае се до вечноста, заради тие кои што сме, за честа, за Вардар. Од денеска ја спуштаме ролетната и го затвараме влезот во клубот за оние кои придонесоа до ова да дојде, но и за оние кои не сторија ништо да спречат а можеа“ – порачаа „Комитите“.

Се вчитува...