Во рамките на медиумската „експертска мрежа на Гардијан“ за EВРО 2020, чиј дел е и ЕКИПА, заедно со вкупно 22 европски медиуми меѓу кои и со „Газета дело Спорт“ (Италија), „Ел Паис“ (Шпанија), „Ди Цајт“ (Германија), „Франс фудбал“ (Франција), „Блик“ (Швајцарија)…, ви ги пренесуваме комплетните информации за сите репрезентации учеснички на Европското првенство 2020.
На ЕВРО 2020 денеска и вториот натпревар од Групата А во која Швајцарците некако ја носат аутсајдерската улога.
За ЕКИПА пишува Макс Керн од Блик (blick.ch)
Твитер профил: @MaxKern3
Ова е трет голем турнир на Владимир Петковиќ како селектор на швајцарската репрезентација, предводејќи ја селекцијата до осминафиналето на ЕВРО 2016 и на Светското првенство во Русија две години подоцна. Постојат надежи дека Швајцарците овој пат можат да отидат неколку чекори подалеку, но има неизвесности и несигурности во одбраната поради тоа што Фабијан Шар беше надвор од терените поради повреда и го пропушти поголемиот дел од сезоната. Тој се врати во мај во тимот на Њукасл само за да добие црвен картон и да добие суспензија од три натпревари.
Централниот бек вели дека е „фит“, па на Петковиќ не му останува ништо освен да се надева дека неговиот фудбалер е во право. Тренерот исто така има проблеми со левата страна бидејќи во мај го загуби крилото на Волфсбург, Ренато Штефен поради повреда на скочниот зглоб. Постојат опции во Стивен Зубер и Рубен Варгас, но тие поминаа поголем дел од сезоните во Ајнтрахт Франкфурт и Аугсбург на клупата.
Џердан Шаќири е уште еден играч кој не играл толку колку што би сакал Петковиќ, но се очекува играчот на Ливерпул да игра зад нападот како десетка и е способен да биде фактор „X“ и покрај недостатокoт на натпревари. Друг играч во Премиерлигата, Гранит Џака, играше надвор од неговата природна позиција во Арсенал, како лев бек.
Како и да е, Петковиќ е сигурен пред стартот на првенството.
„Гледам видеа од нашите противници од март“, вели тој. „Мислам дека е позитивно што турнирот се игра во различни земји, така што сите не се заедно. Ние ќе им понудиме на нашите играчи вакцина пред турнирот, но тие ќе бидат во еднокреветни соби и нема да има посетители од семејството – УЕФА го забрани тоа“.
Селекторот го истакна првиот натпревар против Велс како клучен во групата А и рече дека неговиот тим ќе биде „120% подготвен“ за средбата во Баку. Тој претпочита да игра во формација 3-4-1-2, која станува 5-2-1-2 во одбраната, што значи дека широките играчи се крилни бекови.
СЕЛЕКТОР
Роден во Сараево, во Босна и Херцеговина, Петковиќ дошол во Швајцарија како 24-годишен студент по право. По фудбалската кариера во швајцарсkата втора лига, тој ја започна својата тренерска кариера во АС Белинцона во 1997 година додека работеше со полно работно време како социјален работник во добротворната организација, Каритас Тесин.
„Работев со невработени луѓе и некои од нив имаа проблеми со дрога и алкохол. Им помогнав да можат да се справат со секојдневните работи и да најдат работа. Тоа, како и фудбалот, беше исто така за луѓе и мотивација. Научив дека секое човечко суштество има свој карактер и свои проблеми. Но, ние се обидовме да работиме како тим таму и да си помагаме едни на други за да ја постигнеме нашата цел“, рече тој за Блик минатата година.
ИКОНА
Станува збор за играчот на Ливерпул, Џердан Шаќири. Тој е познат како „Волшебното џуџе“, „Алпскиот Меси“… и уште бројни прекари, но „Шак Атак“ е апсолутно број еден, особено кај помладите фанови. Избра да го носи бројот 23 поради Мајкл Џордан и е најпознатиот играч во Швајцарија и покрај фактот дека тој играше се помалку за тимот на Јирген Клоп. Се појави во многу реклами, вклучително и за Фолксваген, Кока-Кола и Ко-опера. Летото 2020 година направи трансплантација на коса (користејќи го истиот германски специјалист како Клоп).
ВЕРОЈАТЕН СОСТАВ (3-4-1-2): Сомер, Елведи, Шор, Аканџи; Мбабу, Фројлер, Џака, Родригез, Шаќири, Зубер, Сеферовиќ.
БЛАГОДАРЕН ЗА ОДЛОЖУВАЊЕТО НА ЕВРО 2020
Дефанзивниот играч за врска на Борусија Менхенгладбах, Денис Закарија, претрпе лоша повреда на коленото на 7. март 2020 година против Борусија Дортмунд во дуел со неговиот сонародник Роман Бурки. Закарија мораше да оди на две операции и не се врати до крајот на ноември 2020 година. Да се одвиваше европското првенство минатата година, Петковиќ ќе мораше без него. „Тренерот Марко Роуз навистина ме поддржуваше“, вели тој, „кога се борите со повреда, важно е главата да слушне и перцепира дека тренерот мисли дека се уште сте важен играч“.
ШТО ПЕАТ ФАНОВИТЕ
Навивачката песна „Chum, bring en hei“ од 2006 година сè уште е омилена. Напишано од Баски, музичарот од Базел, кој се вери со Алана Нетцер, ќерката на Гинтер Нетцер, поранешен играч на Реал Мадрид и Менхенгладбах. Еден стих гласи: „Nume no en blinde Schiri chan eus no stoppa“ (Само слеп судија може да не запре сега). За ЕП 2008 во Швајцарија, упатувањето на „Судија, знам каде ти е автомобилот“ беше стопирано да се користи по притисокот од УЕФА.
ШТО ВЕЛАТ ФАНОВИТЕ
- “Oh, Embolo, oh Embolo, i dä Schwiizer Nati isch de Breel dihei!.” – О, Емболо, о Емболо, неговиот дом е репрезентацијата на Швајцарија!
- “Zum Glück hommer no dä Sommer!” – За среќа, сè уште го имаме Сомер!
- “Shaq, dä Schnägg” – Шаќири, полжавот
ПАНДЕМИСКИ ХЕРОЈ
Во видео за Божиќ во 2020 година, репрезентативните sвезди се собраа да снимат видео во чест на жртвите од коронавирусот. Голманот Јан Сомер беше еден од оние кои учествуваа, разговараше со медицинска сестра во болницата „Тауис ГР“ и потоа рече: „Ова е факт, фасцинантно е како таа се справува со вирусот, а во исто верме успева да се прилагоди на секојдневниот живот како медицинска сестра без врева, без никакво жалење и со голема љубов. Ова е импресивно“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА