Поранешниот соиграч на Горан Пандев од Интер, Весли Снајдер, зборуваше за квалитетите на својот екс-соиграч, во пресрет на дуелот меѓу Македонија и Холандија на Европското првенство. Поранешниот репрезентативец на „лалињата“ смета дека нашиот капитен е потценет од страна на фудбалската јавност и дека треба да добие поголемо признание.
Весли истакна дека Пандев има одлична техника и дека има неверојатно чувство за гол.
„Тој има фантастична лева нога и навистина има чувство пред голот. Она што мислам дека е одлично за него е дека тој секогаш одржува преглед и лесно ги ослободува соиграчите пред голманот. Горан е одлична личност, која ја сака играта и според мене често бил потценет како фудбалер. Пандев е напаѓач кој е безмилосен во шеснаесетникот“, вели Снајдер.
36-годишникот, кој замина во пензија пред две години, бара од неговиот национален тим да не ја потцени македонската селекција на континенталниот собир.
„Видовме што се случи со Германија. Мислам дека Македонија беше потценета на тој натпревар. Ние треба да влеземе во мечот сериозно и мислам дека тоа ќе ни донесе победа“, изјави Холанѓанецот.
Македонија и Холандија ќе се сретнат во рамки од третото коло од групата Ц, на 21 јуни во 18:00 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА