СПОРТСКИ ВРЕМЕПЛОВ: Фудбалерот Јане Јаневски – првиот најдобар спортист на Македонија

Во анкетата на „Спортски глас“ 1949 година тој доби најмногу гласови

Традиционално веќе долги години дневните весници и Сојузот на спортовите на Македонија избираат најдобри спортисти, тренери и екипи во годината што изминува. Ова традиција ја почна 1954 година „Нова Македонија“, тогаш единствен дневен весник во нашата држава, кога за најуспешен спортист таа година беше прогласен скијачот Рефик Јахја прв Македонец што победил на државното првенство во овој спорт, беше младински првак на тогашна Југославија во слалом на Јахорина.

Меѓутоа, првиот избор на најдобрите спортисти на Македонија беше направен во далечната 1949 година во анкетата што ја спроведе „Спортски глас“ кај своите читатели. Интересна анкета со познати имиња на спортските великани на македонскиот спорт во рамките на поранешна Југославија. Од веќе пожолтените и оштетени страници на овој прв спортски весник во Македонија, ќе ги потсетиме нашите читатели, особено оние од помладата генерација, кои беа десетте најуспешни спортисти во таа 1949 година.

За најуспешен спортист со најмногу гласови од читателите беше прогласен Јане Јаневски, фудбалер на Вардар и тренер на младинците кои во таа 1949 година станаа шампиони на Југославија.

Јане Јаневски, кој е одамна починат беше легенда на македонскиот фудбал. За Вардар има одиграно 242 натпревари, постигнал 101 гол. Играше во генерацијата со Џина Симоновски, Васко Кокиновски-Макара, Тодор Балевски.

Интересно е да се напише дека во сезоната 1946/47 играше и за Партизан во Првата лига на Југославија заедно со Бобек, Шоштариќ, Палфи, Брозовиќ. По завршувањето на фудбалската кариера беше тренер на ПАОК и Кавала од Грција, Хапоел од Израел, Вардар..

Втора беше атлетичарката Бистрица Крањец-Миркуловска, рекордерка на Македонија во девет дисциплини , вклучувајќи ги трките на 100, 200 и 800 м па се до фрлање ѓуле, диск, скок во височина и далечина. Беше позната писателка.

Третото место му припадна исто така на еден атлетичар, Лазо Милошевски, југословенски репрезентативец, државен првак на 400 м, освојувач на златен и сребрен медал на тогаш популарните Балкански игри. Беше уредник на спортската редакција на Радио Скопје.

Тодор Георгивски , голманот на Вардар се пласира на четвртото место во годината кога Вардар беше младински првак на Југославија. Во 1961 година бранеше за Вардар кога клубот го освои Купот на Југославија.

Адем Шемо, еден од најпознатите велосипедисти на Македонија, со гласовите на читателите се најде на петтото место. Како, член на југословенската репрезентација возеше на трката Анкара -Истанбул.

Шести е пливачот Александар Радич, кој во таа 1949 година победи во четири дисциплини на републичкото првенство со четири нови рекорди на Македонија на 100, 200 и 1.500 м слободно и на 100 м грбно. Во тоа време беше еден од најдобрите ватерполисти во Македонија. Радич беше основоположник на Охридскиот традиционален маратон.

Седми Мемо Сулејманов, популарниот „Африканец“ според бојата на кожата, апсолутен првак и рекордер на Македонија во трките на долги патеки на 5.000 и 10.000 метри.

Со пласманот на осмото место Андреја Герасимовски-Швајн е уште еден атлетичар кој се најде на листата меѓу десете најдобри спортисти на Македонија. Јуниорски првак на Југославија на 1.500 м и на крос трката на 2.500 м. Најдобар во Македонија на 800 и 1.500 метри.

Славко Матовски беше еден од најсвестраните спортисти на Македонија. Репрезентавец на Југославија во голем ракомет, најзаслужен за сите успеси на ракометниот клуб Работнички и како играч и како тренер. Беше и републички првак на 100 и 200 метри во атлетика.

Ранг листата на десетте најуспешни спортисти во Македонија 1949 година завршува со фудбалерот Спире Петровски, еден од најдобрите во тоа време во нашата држава, вистинска легенда.

Од сите овие лауреати, денес се уште се живи Бистрица Крањец –Миркуловска и Адреја Герасимовски.

Беа избрани и десетте најдобри екипи. Јасно титулата ја освоија младите фудбалери на Вардар, шампиони на Југославија. Потоа следат: 11 Октомври –  Куманово (фудбал), Работнички (фудбал), Вардар (сениори фудбал), Динамо Скопје (фудбал), Вардар (атлетика), Работнички (кошарка), Динамо (велосипедизам), Гоце Делчев – Прилеп (фудбал), Охридски Бранови (ватерполо).

Се вчитува...