СПОРТСКИ ВРЕМЕПЛОВ: Хокеј на мраз во училишен двор

Првиот неофицијален натпревар во хокеј на мраз во Скопје е одигран во февруари 1962 година во дворот на ОУ „Браќа Рибар“

Пишува: Миодраг Мицковиќ

Ќе се вратат ли оние убави денови од осумдесеттите години кога хокеј клубот Скопје Макотекс играше во Првата лига на поранешна Југославија, кога младинците на Вардар 1974 година на турнирот во Крањска Гора станаа вице шампиони на Југославија. Беа тоа златните денови на македонскиот хокеј кога на трибините на лизгалиштето на Кале имаше 4 до 5.000 гледачи на натпреварите на Скопје Макотекс.

На истото тоа лизгалиште на Кале многумина сигурно и не се сеќаваат, мислиме на помладата генерација дека 1969 година се одржа Светското првенство во Ц групата на кое играа репрезентациите на Јапонија,Швајцарија, Холандија, Данска ,Бугарија и Унгарија.

Денес Хокеарската федерација на Македонија под раководство на претседателот Никола Тасев прави напори хокејот одново да заживее во Македонија, но далеку е тоа од оние убави времиња кога ги гледавме во Скопје најпознатите југословенски клубови.

Ќе се потсетиме на првите чекори во хокеј што се правеа во Скопје кога во далечната 1959 година беше формиран првиот хокеарски клуб . Основачкото собрание се одржа на 3 февруари 1959 година во просториите на Сојузот на спортовите на Скопје кога беше избрана и новата управа на хокеј клубот „Скопје“ на чие чело беше претседателот Киро Цветковски, потпретседател Панче Леов. Тренери на екипата беа Трајко Трпчевски и Лазо Мусмански ,повратници од тогашна Чехословачка, по потекло од Егејска Македонија.

Можеби некој од читателите на „Екипа“ нема да поверуват, ако напишеме дека првите тренинзи се одржуваа , тогаш немаше лизгалиште во Скопје ,на замрзнатото езерце во градскиот парк, спроти денешниот Градски стадион се додека беше студено времето. Кога ќе попуштеше мразот со првите пролетни денови, повеќе немаше тренинзи.

Играчите немаа доволно хокеј опрема, стаповите беа заменувани со обични, рачно направени.Сите играчи немаа ниту лизгалки, беа многу скапи, можеа да се купат само во странство, ги правеа од дебели жици, кои ги врзуваа на длабоки чевли за да можат да се лизгаат. Головите беа позајмувани од помошниот терен на Градскиот стадион за мал фудбал на кој тренираа фудбалерите на Вардар. Наместо пакови, во прво време употребуваа разни гумени и цврсти предмети. Играа со џемпери и волнени капи на главите.

Сепак сето тоа беше интересно, на езерцето во тие зимски денови, тогаш зимите беа многу постудени и долги отколку денес, вриеше како во кошница. Меѓу првите хокеари беа Трајко и Томе Трпчевски, Мито Панзов, Стојче Костенчев ,Петре Божаров, Лазо Мусмански, Ѓорѓи Головски, Душко Самолов ,Бошко Атанасов, Алексо Поповски и Никола Ставревски

Сигурно дека во историјата на македонскиот хокеј на мраз ќе влезе првиот пропаганден натпревар одржан на на 1 март 1959 година покрај брегот на замрзнатото Мавровско Езеро. Дури имаше околу 300 гледачи дојдени од Тетово, Гостивар, Дебар за да го видат и тоа чудо, хокеј на замрзнатото езеро.

Јасно, немаше мантинела, лизгалиштето беше обележано со црна боја, гледачите распоредени околу „теренот“ ,пакот го враќаа кај хокеарите во игра. Според пишувањето на тогашната„ Нова Македонија“ мечот звршил без победник 9:9. Играа хокеарите на Скопје поделени во две групи. На тој пропаганден меч на Мавровското Езеро настапиле:Митко Динев, Лазо Шуманов ,Максим Дукановски, Миле Чемков, Методија Рибаровски, Геле Ристанчев ,Коле Ставревски, потоа Душко Мијовски, Дупјачановски, Николовски, Стоилковски, Митевски, Шалваринов,Русев…

Веројатно постарите жители на Скопје се сеќаваат на оној за нив прв спектакуларен неофицијален меч во хокеј на мраз, одигран на 16 февруари 1962 година во дворот на тогашното основно училиште „Браќа Рибар“, денес „Димитар Миладинов“.на кошаркарското отворено игралиште, со бетонска подлога .Цела ноќ учесниците на овој натпревар го поливаа со вода, времето било мошне студено, околу минус 10 степени така што бетонот бил покриен со дебел слој на мраз.

Теренот бил обележан, малите голови донесени од помошното игралиште на Вардар, поставени легнати клупи и маси околу теренот, за да изигруваат „мантинела“и средбата можела да се одигра, јасно меѓу хокеарите на Скопје, друг клуб немало, во присуство на над 1.000 гледачи, како што пишуваше во „Нова Македонија “. Резулатот од овој меч никаде не е објавен . Но овојпат сите хокеари имале оригинални лизгалки, биле многу подобро опремени бидејќи хокеј клубот Партизан од Белград им донирал извесна опрема.

Се до изградбата на лизгалиштето на Кале, хокеарите на Скопје, подоцна Вардар тренираа каде што ќе стигнат, на езерцето во градскиот парк, на Мавровското Езеро, на слободните површини во Скопје кои во зимско време беа замрзнати. Во тие години имаше многу празен простор, не како денес „начичкани“ зграда до зграда.

Кога некои помлади читатели на „Екипа“ ќе го читаат овој текст, сигурно ќе се запрашаат зарем ваков хокеј се играл во Македонија. И тоа само во Скопје, ниту во еден друг град. Но, тоа е тоа, секое време си носи новини.

Се вчитува...