Стартуваше шампионатот во пинг-понг: Младост убедливо го победи Вардар

Изминатиов викенд стартуваа двете најсилни конкуренции од шампионатите на Македонија во пинг-понг, со одигрување на првото коло во спортската сала во ОУ Тошо Арсов во Штип.

Ждребката сакаше на почетокот на првенството во првото коло да се сретнат финалистите на плеј-офот од минатата сезона, Вардар од Скопје и Младост од Прилеп. Младост рутински го победи Вардар со убедливи 4-0. Во екипата на Вардар во првото коло не настапи државниот првак Станојковски, додека прилепчани засилени со играчот од Србија Дејан Оцокољиќ ја најавија кандидатурата за атак на шампионската титула уште на стартот на сезоната.

Во другите два натпревари од Супер лигата, Телеком НЕЦ го совлада Радовиш во можеби најинтересниот натпревар на колото. Телекомци славеа минимално со 4-3. Домаќинот на првиот турнир штипскиот клуб Шампион ФА со 4-2 го совладаа Работнички, натпреварот УГД – Младост 96 не се одигра поради тоа што екипата на УГД отсуствуваше на натпреварите од првото коло. За исходот на тој натпревар ќе одлучуваат комесарот и натпреварувачката комисија. Натпреварот првично е евидентиран со службен резултат за Младост 96.

Во Првата лига новиот член на лигата Телеком НЕЦ 2, убедливо со 4-0 го совлада битолски Мултитекс, Дебар Маало загуби од Пошта 2 со 4-2, Крива Паланка 2007 убедливо со 4-0 славеше во натпреварот против Кочани. Борец ТИМ службено со 4-0 го доби натпреварот со Струга.

Во Првата лига во женска конкуренција Берово славеше против Струмица со 4-0, а во Втората лига, Куманово загуби од Студент со 0-4, Рисови го победи Студент 2 со 4-0, а Винспин победи протиув Хепи со 4-1.

Натпреварувачкиот караван продолжува следниот викенд. На 29. септември повторно во Штип елитата ќе ги одигра второто и третото коло.

Се вчитува...