Судиите му се извинија на Реал, но Кампацо и Рејес се под истрага

Не стивнуваат реакциите во шпанската јавност поради катастрофалната арбитража на финалето од Купот на Шпанија меѓу Реал Мадрид и Барселона.

Арбитрите направија две катастрофални грешки во последните дваесетина секунди, најпрвин не санкционирајќи очигледна лична грешка врз Синглтон по што Реал на спротивната страна профитираше со три поени. На крајот судиите подарија непостоечки поени на Томиќ со кои Барса победи во финалето, навлекувајќи го бесот на „кралскиот клуб“, кој дури се закани и со повлекување од шпанската АЦБ-лига.

Здружението на суии во текот на вчерашниот ден одржа состанок по кој се јави со соопштение, извинувајќи му се на Реал Мадрид и признавајќи ја вината за хаосот што настана во финалето.

„Признаваме дека постоеја сериозни грешки во завршницата од натпреварот и ќе ја прифатиме одлуката на АЦБ поврзана за тие грешки“ – порачаа меѓу другото шпанските судии.

Тоа не е никаква утеха за Реал по загубениот трофеј, а проблем повеќе за „кралевите“ е отворената истрага против двајца кошаркари на овој тим, Кампацо и Рејес, кои гласно ја критикуваа арбитражата во драматичното финале. Според шпанските медиуми, тие речиси сигурно ќе добијат кратки суспензии, што е доволна причина за „кралевите“ уште повеќе да ги интензивираат шпекулациите за напуштање на шпанското првенство.

Се вчитува...