ТАЈМАУТ: Што загуби, а што доби Македонија?

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

Македонската репрезентација го заврши настапот на СП 2021 со учество во главната фаза од мундијалот во Египет, со вкупен скор од една победа и пет порази, четири од нив со двоцифрена разлика. Математички анализирано, делува многу лошо, но ако се согледа реалната ситуација на ракометната сцена и падот на квалитет што го носи смената на генерации, резултатски не минавме толку болно колку што иритираше недоволната борбеност и ангажираност на поголемиот дел од натпреварите на овој мундијал.

Кога ќе се подвлече црта, може да се извлечат лоши, но и добри работи, бидејќи дното е прилично блиску и мора што поскоро да се извлечат реални заклучоци, за работата да тргне напред.

ШТО ЗАГУБИ МАКЕДОНИЈА?

  • Го загубивме Филип Талески, повторно, но сега веќе прашањето што се поставува не е кога Тале би блеснал, туку дали тоа воопшто некогаш ќе се случи. Големиот талент на македонскиот ракомет делува апсолутно без никаква самодоверба, кариерата вртоглаво му се движи во надолна линија, а останува само надежта дека Талески ќе успее да воскресне и да потсети на своите најдобри денови, кога како тинејџер решеташе во дресот на Металург.
  • Марко Мишевски беше еден од оние играчи кои беа ретка светла точка на последното ЕП во Виена. Во меѓувреме, наместо да напредува тој одигра далеку под ланското ниво. Во одбраната воопшто не беше стабилен и константен во формата, во нападот собираше храброст за шутеви, кои најчесто не завршуваа во мрежата. Мишевски е млад играч кој може да напредува, сигурно не е загубен засекогаш, но прашање е дали може тоа да влезе во посакуваниот ритам греејќи ја клупата во Вардар.
  • Никола Маркоски беше дополнително повикан за да донесе пред се сигурност во одбраната, но овој пивот не одговори на предизвикот. Во период на промени во националниот тим, останува дилемата зошто Брестовац упорно инсистира на овој играч, кој ниту е оружје во нападот, ниту пак адут во одбраната.

  • Го загубивме и авторитетот на селекторот, кој не успеа да се наметне ниту кај оваа значително подмладена репрезентација. Игравме слабо, а најгласен тајмаут на цело првенство ни беше оној последниот, кога Стоилов и Лазаров го кренаа гласот. Авторитет не се гради само со викање, туку и со создавање на игра, но Брестовац потфрли и на ова поле. Вели дека е на половина од мандатот, но и за таков период убаво би било да видиме напредок… ако веќе квалитетот е намален, барем во пристапот и тактичката подготовка. Ние во Египет потфрливме и во едното и во другото.

ШТО ДОБИ МАКЕДОНИЈА?

  • Во Филип Кузмановски го добиваме новиот лидер на репрезентацијата. „Дијамантот“ беше „небрусен“ пред неколку години, така го опиша Лино Червар, а јасно е дека Кузмановски се уште не е „финиширан производ“ за врвен ракометар. Сепак, борбен е во одбраната, а во нападот презема одговорност во периодот кога многумина други само ја додаваат топката. Реализацијата мора да се подобри, но Кузмановски во последно време игра се подобро за Хановер, се надеваме дека тој тренд ќе го продолжи и во националниот тим
  • Ненад Костески е играч за кој е очигледно дека со години во иднина ќе биде стандарден првотимец. Модерно десно крило кое не застана по кратката неуспешна авантура во Загреб, се врати назад во мак-ракометот и со зголемена самодоверба влезе на овој мундијал. Вреди да се истакне и левото крило Цветан Кузманоски, кој покажа дека поседува потенцијал и може да биде добра втора опција, зад Маџовски (кој поради повреда отпадна во последен момент од СП 2021).

  • Голманите воглавно беа на висина на задачата, во ситуација кога одбраната не беше на посакуваното ниво Митревски и Томовски имаа моменти на блесоци. Оваа позиција е сосема добро покриена и за во иднина, единствена дилема е зошто се заборава на Кизиќ, кој имаше извонредни одбрани за Вардар во ЛШ, но не добива соодветна шанса во националниот тим.

Се вчитува...