ТАЈМАУТ: За кошаркарцките работи

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

За една седмица чекањето конечно ќе заврши, а на терените ширум Македонија ќе почне да се игра кошарка. Или можеби не, затоа што КФСМ и во последното соопштение си остави простор за верзија „пу пу не важи“, посочувајќи дека „ Федерацијата секојдневно ќе ја следи состојбата во нашата држава од здравствен аспект и во консултации со Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје, по потреба ќе бидат донесени и дополнителни одлуки за почеток и реализација на понатамошниот тек на натпреварувањето“.

А како што тргнале бројките на заразени од Covid-19 во државата, тоа лесно може да донесе нова блокада за спортот. За оние кои веќе почнале – нов прекин, а кошарката би останала и единствен спорт што во месец ноември нема комплетирано ниту едно единствено коло.

ФЕДЕРАЦИЈА

Раководството на КФСМ досега покажа дека апсолутно нема капацитет за да се снајде во една ваква комплексна ситуација, да изгради стратегија и да ја реализира истата. Најпрвин беше препишан цел протокол, од збор до збор (вклучително и зборот ракометари наместо кошаркари, па потоа преправен) од РФМ, освен она најважното – во „куќата на ракометот“ беа свесни за сериозноста на ситуацијата со Covid-19, па го убрзаа стартот. „Кошаркарите“ останаа да „спијат“ на идејата – секоја година почнуваме во октомври, така нека биде и овојпат.

И почна фијаското, најпрвин со позитивниот случај во Работнички што поради заборавањето на доставување на протокол го смести цел тим на „центарци“ во самоизолација, а потоа и со ширењето на заразата во уште неколку клубови. Следеше ново одлагање, за сега стартот да е презакажан за 31. октомври. Одлуката е кратка, протоколот не премногу детален – но со јасна порака на Антиќ до клубовите: Сами ќе си ги плаќате тестовите.

КЛУБОВИ

Војната со Антиќ и управата трае веќе подолго време, а токму големото его на дел од прволигашите наспроти она на претседателот се главен проблем, што не може да се седне на маса и да биде постигнат договор. Впрочем, тоа е претседателот што тие самите го избрале, едногласно – од кошаркарски, политички или некои други мотиви.

И сега, главен проблем во играњето кошарка станаа 40.000 евра годишно за Covid-тестирањата. Што всушност и не се 40.000 евра, бидејќи во пазарни услови цените за групни тестирања се околу 50% пониски од оние за индивидуалните. А ако најавите дека ќе тестирате по неколку пати неделно, неколку месеци по ред, сигурно ќе добиете и дополнителен попуст. И овие фамозни 40.000 евра ќе се спуштат и под 20.000 евра. Што во превод е сума што годишно ќе се потроши за еден потпросечен Американец дури и за најниска плата (тука се и трошоците за сместување и исхрана).

Тоа што од КФСМ имплементираа од протоколите само тоа што им одговора е еден проблем, но и клубовите мора да разберат дека ова е вонредна ситуација во која приоритет мора да биде да победи спортот. А ако тоа значи еден странец помалку за безбедност и здравје на сите останати во клубот, така и треба да биде.

ИГРАЧИ

Поголемиот дел од кошаркарите се собраа од месец август, почнаа со подготовки, но два месеци подоцна се уште се во исчекување на првите натпревари. Во меѓувреме „прегореа“ од тренинзи, некои си ги земаа договорените плати, некои намали, некои уште чекаат…

Најпрвин се потенцираа себеси како „најголеми губитнити во ситуацијата“, а потоа гласот уште повеќе го кренаа кога беше најавено дека платите ќе им бидат скратени за 75%, заканувајќи се дека „правата можат да ги бараат и на улица“. Само што, не дај Боже, со уште едно до две одлагања навистина можат да завршат „на улица“, бидејќи никој не сака да дава пари „во ветер“ и несигурност, особено во време на корона, кога ситуацијата се менува до ден во ден.

ПРЕДЛОГ

Ако Антиќ веќе препишува од РФМ, барем нека ги препише оние суштински важни работи… средбите да се играат на два до три дена, со што би се намалил и бројот на неопходни тестирања и би се скратило времето за финиширање на натпреварите. И ако веќе се угледува на ракометот, треба да му е јасно дека кошарката нема време да ја финишира сезоната. Бидејќи ракометот поради Covid-случаи цел месец беше во застој, а на кошаркарите им претстои „балон“ од АБА2, па потоа и на репрезентацијата во квалификациите за Евробаскет 2021. А кога ќе дојде месец декември, сигурно пак ќе има позитивни случаи, одлагање на натпревари и недоволно термини за сезоната да се доигра (бидејќи на почетокот од 2021 пак ќе има балон на АБА2, па балон за репрезентацијата).

Временски гледано, лигашка сезона е невозможна мисија. Единствена опција (кој не признава сега, ќе му стане јасно за максимум еден месец) е „балон-систем“, но и тој ќе треба исклучително добро да се организира. Ќе треба да се реши во колку турнири би се комплетирала првата фаза, кој и во колкава мера би ги покрил трошоците, но и како ќе се исфункционира со официјалните лица (судии и делегати), кои паралелно имаат и други професии од кои нема да можат да отсуствуваат по цел месец.

Антиќ и соработниците ќе мора да најдат начин да покријат значаен процент од овие трошоци, но за возврат мора и да бараат одговорност од клубовите. Затоа што тогаш не смее повеќе да има одлагање, а секоја помасовна зараза во тимовите ќе донесе и службени порази. Без „плачење“ и право на приговор.

А клубовите ќе бараат одговорност од играчите, истите оние кои ги плаќаа во овие изминати месеци. Па кога ќе се знае точно кога ќе се игра „балон“, и самите кошаркари ќе треба да внимаваат, бидејќи ако се позитивни, тоа драстично би им се одразило на платите.

Дали ќе биде идеално? Апсолутно не… но во вакви услови успех е сезоната да тече. А во моментов од сите колективни спортови во Македонија, не се игра само кошарка.

Се вчитува...