Кристијано Роналдо сосема заслужено се закити со признанието „Тhe Best“, кое ФИФА вечерва за првпат го додели по разделбата од „Франс Фудбал“ и повторното организирање на сопствен избор за најдобар светски фудбалер.
Во изборот на ФИФА повторно покрај новинарите учествуваа и капитените и селекторите на сите светски национални селекции, а интересно е што и Горан Пандев и Игор Ангеловски гласаа идентично. Имено, македонскиот капитен и селектор му дадоа максимални пет гласа на Кристијано Роналдо, по три гласа од Пандев и од Ангеловски доби Меси, додека по еден глас заврши на контото на Антоан Гризман.
Од останатите капитени, Дани Алвеш го игнорирал Роналдо и гласовите ги поделил за своите поранешни соиграчи од Барселона (Меси, Нејмар и Суарез), Един Џеко гласал за Роналдо, Меси и Суарез, Руни еден глас му дал на Џејми Варди (пет за Роналдо, три за Суарез), Мануел Нојер гласовите ги подели на Тони Крос, Месут Озил и Роберт Левандовски, а Буфон му даде предност на Меси пред Бејл и Роналдо.
Што се однесува до селекторите, Јоаким Лев гласаше за „своите“ Крос, Озил и Нојер, Италијанецот Вентура за Буфон, Нојер и Роналдо, Шпанецот Лопетеги за Меси, Роналдо и Рамос, а интересен беше изборот на чилеанскиот селектор Пици, кој му даде пет гласа на Алексис Санчез, а не даде гласови за второ и трето место.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА