Турнирите како што е Европското првенство во фудбал оставаат спомени што долго ќе се паметат. Претходните години се сведоци на емоции од среќа, тага и љубов, а сите нив ги носи најспоредната работа во светот, фудбалот.
Сепак, од бројните спектакуларни фудбалски настани, се издвојуваат десет најимпресивни моменти во историјата на евро-фудбалот.
ГРЦИЈА ГО ШОКИРАШЕ СВЕТОТ – 2004 година
Пласманот на Грците во финалето беше вистинско чудо. Елиминацијата на актуелниот европски шампион, Французите, во четвртфиналето ги шокираше сите, а уште поголема драма се виде во полуфиналето со Чесите, кога голот на Делас ја одведе Грција во финалето.
Се очекуваше дека домаќинот на шампионатот, Португалија, ќе успее да ја запре кампањата „Хелена“, но Ангелос Харистеас размислуваше поинаку. Дури и денес, Грција е најголемото изненадување досега видено на кое било големо натпреварување.
ПРОСЛАВАТА НА ПОЛ ГАСКОЈН – 1996 година
Поразот од Германците во полуфиналето сè уште ги прогонува Англичаните, а еден од оние поубави спомени од Евро 1996 година е голот на Пол Гаскојн против Шкотска и епската прослава. Во занес, Газа легна на земја, додека неговите соиграчи истурија вода врз него. Видео кое го обиколи светот.
ВОЛЕЈОТ НА МАРКО ВАН БАСТЕН – 1988 година
За многумина ова е најубавиот погодок досега забележан на Европските шампионати. Голот на Марко им ја донесе титулата на Холанѓаните. Потезите како што беше волејот на Ван Бастен во финалето против СССР сега веќе припаѓаат на класиците на светскиот фудбал, ремек-дела за кои ќе зборуваат генерациите што следуваат.
ГОЛ СО ПЕТА ВО ДЕЛО НА ЗЛАТАН ИБРАХИМОВИЌ – 2004 година
Спектакуларен гол во дело на Златан Ибрахимовиќ на мечот со Италија во 2004 година. Опкружен со противнички дефанзивци, Ибра некако успеа да ја фати топката со задниот дел од ногата и да ја испрати во мрежата. Златан има многу генијални моменти во текот на својата кариера, но овој е навистина посебен.
ДАНЦИТЕ ДОЈДОА КАКО ЗАМЕНА И ГО ОСВОИЈА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО – 1992 година
Кои се шансите репрезентацијата што на почетокот не успеа да се пласира ниту на Еврото на крајот да стане шампион? Преседан никогаш невиден во ниту еден друг спорт. Данците беа втори зад Југославија во квалификациската група за Евро 1992, но добија неочекувана шанса да се појават на турнирот, откако во таа година, за време на југословенските војни, тимот на тогашна Југославија имаше забрана за учество на меѓународни натпревари како дел од санкцијата на Обединетите Нации. Данска создаде вистинска сензација совладувајќи го светскиот шампион Германија во финалето.
ЗЛАТНИОТ ГОЛ НА ОЛИВЕР БИРОФ – 1996 година
Се сеќавате на времето кога имаше златен гол? Погодокот на Оливер Бироф во продолженијата против Чешка е прв од ваков вид во историјата што успеа да го реши финалето на Европското првенство. Чешка беше најпријатното изненадување на турнирот, први стигнаа до предност во финалето со Германците, но потоа Бироф обезбеди пласман кој беше запишан во историјата. Тој со глава и донесе израмнување на Германија, а потоа погоди во продолженијата за обезбедување на третата германска титула.
ГОЛОТ НА ПЛАТИНИ ВО ПОСЛЕДНА МИНУТА – 1984 година.
Мишел Платини, првата ѕвезда на турнирот во 1984 година, им донесе голема радост на Французите кога го постигна победничкиот гол во последната минута од полуфиналниот натпревар со Португалија. Домашниот тим триумфираше со 3-2, а во финалето ја совлада Шпанија со 2-0 и стана европски првак за прв пат во историјата. Платини го заврши турнирот со неверојатни девет гола.
ПАНЕНКА ПОСТИГНА „НЕРЕАЛЕН“ ГОЛ ОД ПЕНАЛ – 1976 година
Белград, финале на Европското првенство во 1976 година. Беше досуден пенал на чехословаците кој им ја донесе титулата – европски шампион. Антонин Паненка направи потег што на некој начин ја смени историјата на фудбалот. Тоа беше денот кога се роди славната „паненка“. Само најхрабрите и највештите фудбалери можат да се осмелат да направат вакво нешто.
ФРЛАЊЕ НА ПАРИЧКА – 1968 година.
Пред да се воведе пенал серијата, односно златниот гол, победникот беше одредуван со фрлање на паричка во случај на нерешен резултат. Среќата беше со Италијанците во полуфиналето на Евро во 1968 година кога играа без голови, а потоа паричката им донесе пласман во финалето, каде ја совладаа Југославија, во повторен натпревар, уште еден обичај што повеќе не постои.
ДЕВЕТ ГОЛА НА ПРВИОТ НАТПРЕВАР – 1960 година
Станува збор за првиот завршен турнир во историјата и премиерниот дуел што го одиграа Французите и Југословените во Париз. Нешто помалку од 30 000 Парижани можеа да уживаат во вистинска голеада. Натпреварот заврши со победа на Југославија од 5-4, откако домаќинот имаше предност од 4-2.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА