Тоталниот хаос што владее по падот на Александар Вучиќ од власт кулминираше вечерва, откако целокупниот Управен одбор на клубот на чело со Миљан Жугиќ си поднесе оставка.
Белградските „црно-бели“ составија силен тим, за тренер го донесоа поранешниот македонски селектор Раул Гонзалес, па дури и играа во Лигата на Шампионите. Сепак, политичките промени во Србија донесоа сериозен удар врз овој колектив, кој речиси сигурно нема да може да продолжи да се натпреварува со ваков скап играчки ростер.
„Ракометниот клуб Партизан ја известува јавноста дека Миљан Жугиќ поднесе оставка од функцијата претседател на Управниот одбор и со самото тоа, согласно статутот на клубот, целиот управен одбор е разрешен. Жугирќ истакна дека ваквата одлука ја донел поради неможноста да го финансира клубот поради новонастанатата ситуација со блокадата на клубот. Собранието има рок од 30 дена да биде свикана седница на која ќе бидат именувани нов претседател и членови на управниот одбор“, се вели во соопштението на РК Партизан.
„Црно-белите“ додаваат дека амбициите им остануваат исти, но останува да се види колку од постоечките ракометари ќе останат во клубот до крајот на сезоната, со оглед на скапите договори што ги имаат и неможноста на управата да ги исполни обврските кон нив.
Исто така, интересно ќе биде да се види и дали Раул Гонзалес ќе остане на чело на „црно-белите“, за што шансите се нешто поголеми ако се знае дека тој истовремено е и селектор на Србија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
